Сите членови на Комисијата за помилување поднесоа оставки од позиициите, објави на фејсбук професорот Гордан Калајџиев.
„ Ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на Комисијата за помилување. Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи“, стои во неговата објава.
Членови на комисијата за помилување кај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беа и: д-р Методија Каневчев (претседател), проф. д-р Арлинда Кадри- Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска и Ајтен Шаќири.
На 22 октомври претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за помилување на десет осудени лица, при што на тројца казната затвор им се заменува со условна казна, а седум делумно се ослободуваат од издржување на останатиот дел од казните.
Меѓу помилуваните се поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба со бесплатниот ученички превоз, потоа Шенол Маслани уапсен во голема полициска акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога, Акиф Равманоски – член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првообвинет во аферата „Шпион“.
- НА ИЗЛЕГУВАЊЕ ОД „ИДРИЗОВО“ УАПСЕН ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО АКИФ РАВМАНОСКИ, ПРАЗНИЧНО ПОМИЛУВАН ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА
- МЕЃУ ПОМИЛУВАНИТЕ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА СЕ И АРАЧИНОВЦИТЕ РАВМАНОСКИ И МАСЛАНИ, АПСЕНИ ЗА ОРУЖЈЕ И ДРОГА
- ЛИЧНОСТИТЕ ЗА КОИ ПОТПИШАВ ПОМИЛУВАЊЕ СЕ ИНТЕРЕСНИ ВО НЕГАТИВНА СМИСЛА, НО ЈАС ИМАМ ДОВЕРБА ВО ПРОЦЕНКАТА НА КОМИСИЈАТА ШТО ЈА ИЗБРАВ, КАЖА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЗА ПОМИЛУВАЊЕТО ОПАСНИ ЛИЦА ОД ПОДЗЕМЈЕТО
„Околу помилувањата прво, јас кога ја конституирав Комисијата за помилување која е составена од врвни експерти во оваа област и познавачи, реков дека ќе ја почитувам нивната работа. Мислам дека кога се даваат коментари се заборава на што. Значи, вие делото го анализирате така? Пред сè делото. Кога се работи, јас веќе и имињата не ги знам да бидам искрена, меѓутоа кога јас ги потпишав овие одлуки, по што се водев? Се водев од тоа дека во првиот случај, пресудата е 1 година и 3 месеци и делото се однесува на поседување неовластено поседување на оружје и на 5 куршуми. Тоа е делото. Веројатно тие се воделе по ова. Да, знам која е таа личност, но јас зборувам за работата на Комисијата. Кај вториот случај, се работи за дело кое е врзано со насилство или на некоја наплатна станица некоја тепачка и казната за него е 6 месеци. Кај првата е година и три месеци, значи кога ги замениле овие казни со условна од три години, да личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот тоа е факт сега гледам јас тоа, но јас велам дека тие се воделе од конкретните дела“, изјави претседателката на државата за ТВ21 по свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Претседателката тогаш кажа и дека претпоставува оти има начин да се санкционира, но не кажа што.
„Да било делото членство во злосторнички здруженија, веројатно поинаку би било. Значи, јас почитувам знаење, јас потпишувам одлуки, меѓутоа јас велам дека никогаш директно нема да се мешам во работата на Комисијата. Точно е дека го имам последниот збор но мора да се има ова предвид“, рече Сиљановска-Давкова.
Само што се израдува за празничното помилување од претседателката, на која јавно ѝ се заблагодари преку социјалните мрежи, Акиф Равманоски беше уапсен на 24 октомври, под сомневање за извршен обид за убиство. Уапсен е на излегување од затворот „Идризово“.
Од „Идризово“, практично помилуваниот Равманоски е однесен пред судија на претходна постапка, од кого се бара да му изрече мерка притвор и да биде однесен директно во затворот во Шутка.
„По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, полициски службеници од Министерството за внатрешни работи денеска непосредно по излегувањето од КПУ ‘Идризово’ – Скопје, лишија од слобода лице на кое со Одлука на Претседателот на Република Северна Македонија извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, бидејќи за истото лице е поведена истрага за ново кривично дело – Убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.
За лицето се водела претходна постапка во врска со оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври 2024 година на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир.
Со условна осуда е заменета и затворската казна на Шенол Маслани, кој во 2019 година беше уапсен во акција на полицијата како дел од група, која наводно му се заканувала на полициски службеник и пуштала во продажба наркотични дроги, но тогаш не му беше поднесена кривична пријава.
Со условна осуда му е заменета и затворската казна на охриѓанецот Никола Трпчески. Според одлуката објавена вчера во „Службен весник“, делумно ослободен од понатамошното издржување на затворската казна е ексградоначалникот Талевски, исто како и Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од Миравци, Томислав Симеонов од Скопје, Перо Кузмановски од Градско, Живко Делиџаков од Богородица, и Марјан Ефремов од Скопје, првообвинет во аферата „Шпион“.