Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, назначен на функцијата на 16 октомври, во официјалната биографија навел дека положил тест ТОЕФЛ за англиски јазик во Пловдив, Бугарија, но на адресата која тој ја посочил не постои школа за изучување јазици, објави бугарскиот портал ФАКТОР.БГ.
Во биографија на Бојан Христовски стои дека тој се стекнал со сертификат за владеење на англиски јазик според системот ТОЕФЛ откако го положил испитот со 75 поени на 26 март 2022 во јазичното училиште Language School Julia Cо.LTD во Пловдив. Но проверката на новинарите од ФАКТОР.БГ покажала дека во Пловдив не постои овластен центар за полагање и издавање на меѓународно признат сертификат за ТОЕФЛ, а според регистерот на училиштата во Бугарија нема ни училиште со називот Language School Julia Cо.LTD.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 на 24 октомври, на прашање зошто се стекнал со сертификат за познавање на англиски јазик во Пловдив, Христовски рече дека е подготвен јавно да покаже документ кој е издаден во 2019 година, како регулатива од претходната власт, за административно тестирање на вработени во државната администрација, кој покажува каков вид тест од трите светски јазици кои се говорат ѝ се потребни во државата. Тој рече дека го положил тестот во 2022, затоа што токму во Пловдив, а не во Македонија, или некој друг град во Бугарија или друга соседна земја, имало најблизок термин за полагање.
„„Во однос на моето образование, имам завршено факултет за физичка култура, факултет за економски науки и сум магистер во полето на безбедноста и криминалистика. Економскиот факултет го завршив во 2023 година, а ми е запишан години претходно и е диплома од факултет кој е акредитиран и еднаш годишно се акредитира и од сите претходни власти. Тоа е од Универзитетот за туризам и менаџмент или по ново мислам Универзитет ’Скопје’“, кажа Христовски во тоа интервју.
Но, во проверката на новинарите на „Фактор“ се испоставило дека во Пловдив има само фејсбук страница на консултантска куќа со слично име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација. И работи само преку интернет, а не со личен контакт. Во огласениот флаер на компанијата никаде не се споменува дека обезбедува обука и курсеви за странски јазици, како и подготовка или спроведување на тестови за ТОЕФЛ. Во телефонскиот разговор со новинарите на ФАКТОР.БГ жената од консултантската куќа рекла дека фирмата не издава сертификати за ТОЕФЛ ниту пак курсеви за подготовка за тестот.
Од ФАКТОР.БГ потсетуваат дека на 26 април 2024, полицијата од Велес (тогаш технички министер за внатрешни работи беше Панче Тошковски) покренала кривична пријава против лицето М. В. од Велес за кривично дело Употреба на документ со лажна содржина. Според пријавата, лицето се здобило со меѓународно признат сертификат за знаење на англиски јазик, издаден од училиште на јазици од Пловдив.
На 16 октомври, Владата го назначи Бојан Христовски за нов директор на АНБ откако претходно беше разрешен директорот Зарко Милошевски. Христовски на функцијата стапи како вработен во Министерството за внатрешни работи (МВР). Од таму пред две години дојде на директорското место во ЈП „Градски паркинг“ во Скопје. По кавгата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, Христовски како и останатите директорски кадри на партијата си поднесе оставка и повторно се врати на работното место во МВР.
Христовски во минатото беше претседател на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје.
На 22 октомври, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) потврди дека отвори предмет за назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, откако кај нив стигнала анонимна претставка со наводи дека е незаконски именуван на функцијата. Ден претходно, претседателот на СДСМ Венко Филипче кажа дека со назначувањето на Христовски, премиерот Христијан Мицкоски и Владата направиле партиско киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста.
Во денешното интервју за Радио Слободна Европа, на прашањето дека опозицијата го обвинува дека поставил партиски кадар во АНБ, премиерот Мицкоски кажа:
„Ако мислите за новиот директор Бојан Христовски, да, тој беше дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ, но во минатото, бидејќи беше дел од Министерството за внатрешни работи, тој е целосно деполитизиран, департизиран, таков е законот. Тој како кадар во Агенцијата за национална безбедност доаѓа од кабинетот на Министерот за внатрешни работи. Дали се познаваме – да? Дали јас треба да соработувам со луѓе што ги познавам? Да. Бидејќи, еве, се обидовме со луѓе кои што не ги познаваме, кои што ги наследивме, немаше резултати. Јас бев избран за председател на владата,и два, два и пол месеци не добивав никакви извештаи од страна на тогашниот директор на Агенцијата за национална безбедност. Сега логично е да работам со луѓе кои што ги познавам и во кои што имам доверба, но не гледам тука што е нелогично“.