Како што најавија, Националната земјоделска мрежа и Здружението на оризопроизводителите од Кочанско го наполнија просторот на пазариштето во селото Облешево со трибина за проблемите во аграрот во Македонија.
Ова пазариште беше најголем сточен пазар во државата, но по забраната за промет на ситни и крупна стока неколку години е празен простор.
„Главниот проблем што тука се собираме е цената на оризот и оризовата арпа, како и деградацијата на нашиот ориз како брендиран производ на сметка на крајно неквалитетен ориз што државата дозволува да се увезува. Нашиот ориз е супер квалитетен, а сепак откупувачите сакаат да го лапнат за 25 или 26 денари за еден килограм оризова арпа. Ние на крај излегуваме и не можеме да ги покриеме трошоците и со повисоки цени, а ако објективно државата смета дека и земјоделецот треба да има некаков пристоен приход за егзистенција тогаш цената треба да биде од 40 до 45 денари“, рече еден од производителите.
Тие еден по еден се редеа на говорницата за да ги кажат по нивно мислење состојбите и проблемите со кои се судруваат во секојдневната работа и живот. Едни зборуваа за доцната сеидба поради немањето вода на време од Хидросистемот, за неисчистените канали, за високата водарина, за ниската цена на арпата и на белиот ориз, за уцените што им ги упатуваат откупувачите, за немањето слух на надлежните институции и соодветни министерства за високи производствени трошоци за неконтролираниот увоз и за многу други тековни проблеми со кои се соочуваат во нивното производство.
Претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорги Каракашев, задоволен од одзивот и интересот за отворената јавна трибина, рече дека сите нивни мислења и предлози ќе се преточат во барања до Министерството за земјоделство и до Владата, а за нивните натамошни активности ќе се договорат откако ќе добијат повратен одговор, кој ако не е во нивен прилог тогаш нивните трибини ќе ги претворат во протести.
За оваа трибина не биле поканети претставници од Владата и Министерството затоа што на некоја од претходните средби со нив имало силна реакција од земјоделските производители, па за да не се повтори сцената , организаторите се одлучиле за трибина само со самите земјоделци, иако најавиле дека секој државен функционер ќе бил сослушан ако дошол на трибината и пројавил интерес да учествува во истата. Такви претставници на трибината во Облешево немало, па барањата ќе биле доставени писмено и истовремено ќе бараат брзи повратни одговори и мерки затоа што жетвата веќе завршува, а родот се откупува со бланко без утврдена цена само белешка за откупена килажа.
Т. ЈОВАНОВСКИ