УАПСЕНИ ДВАЈЦА ПОЛИЦИСКИ ИНСПЕКТОРИ ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА СЕ ЗБОГАТИЛЕ ПРОДАВАЈЌИ СЛУЖБЕНИ ТАЈНИ НА КРИМИНАЛНА ГРУПА ОД ГРЧЕЦ ЗА УБИСТВА, ГРАБНУВАЊЕ И НАРКО-АКЦИИ

    УАПСЕНИ ДВАЈЦА ПОЛИЦИСКИ ИНСПЕКТОРИ ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА СЕ ЗБОГАТИЛЕ ПРОДАВАЈЌИ СЛУЖБЕНИ ТАЈНИ НА КРИМИНАЛНА ГРУПА ОД ГРЧЕЦ ЗА УБИСТВА, ГРАБНУВАЊЕ И НАРКО-АКЦИИТогашната обвинителка Вилма Русковска одржа прес-конференција кога на во акцијата не затекна ниту нарко-босови, ниту дрога и вети дека тој што ги искодошил, еден ден ќе биде откриен. Тврдеше со сигурност дека кодошот не може да е од Обвинителството за организиран криминал (Фото:СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал ноќеска уапсило три лица, кои од декември 2019 година до март 2021 година извршиле кривично дело Злосторничко здружување и продолжено кривично дело Оддавање на службена тајна. Дополнително прво и третоосомничениот сториле и кривично дело Попречување на правдата, а на првоосомничениот му се става на товар и кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот.

    Осомничените, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од село Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првоосомничениот во предметот „Грчец“, пренесувале службени информации.

    Осомничените, од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно за недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи. За ваквото неовластено откривање со кое предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите, осомничените добивале награда.

    Според содржината на наредбата за истрага осомничените, заедно или поединечно, со информациите што ги споделувале, го отежнале докажувањето во кривичните постапки и тоа:

    – за кривично-правен настан случен во декември 2019 година, секој посебно заканувајќи се дека повторно ќе биде нападнат тој или членовите на неговото семејство, влијаеле врз оштетен – жртва на обид за Убиство по нарачка, а сега починат, да ја смени изјавата дадена пред овластени полициски службеници;

    – за Убиство во месец август 2020 година осомничените споделиле значајни информации за криминалната група;

    – во текот на втората половина од 2020 година осомничените споделувале службени информации за примена на посебни истражни мерки за тогаш актуелно криминалистичко истражување под кодно име „Планина“ во кое беа опфатени лица од оваа организирана група. Тогашната обвинителка Вилма Русковска одржа прес-конференција кога на во акцијата не затекна ниту нарко-босови, ниту дрога и вети дека тој што ги искодошил, еден ден ќе биде откриен. Таа тогаш тврдеше дека никако кодошот не може да е од Обвинителството за организиран криминал;

    – за кривично – правен настан случен во септември 2020 година во кој петмина беа осомничени за кривично дело Грабнување биле пренесени информации за обезбедените докази и изјави на сведоци и задржани лица;

    – за двојното убиство од март 2021 година во Скопје за кое биле пренесени информации кој е задржан во полициска станица, кои активности се преземаат и кои службени лица се вклучени во криминалистичкото истражување.

    Првично обезбедените материјални докази за првоосомничениот упатуваат дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат недвижен и движен имот и штедни влогови, што во големи размери ги надминуваат неговите законски приходи како полициски службеник.

    Осомничените денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје на кој јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите ќе му предложи да им биде определена мерката притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира