Веќе шест години битолчанката м-р Билјана Стојановска-Ѓуриќ како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска, им предава на хрватските студенти македонски јазик и книжевност. Само овој семестар на додипломски студии има 40 Хрвати кои македонскиот јазик го избрале како изборен предмет, а таа предава и Преведување на постипломските студии каде ако се избере македонскиот јазик, неговото изучување е задолжително.
„Заинтересираноста за изучување на македонскиот јазик кај хрватските студенти на Филозофскиот факултет е голем. Ние сме срдечно примени во хрватската академска и културна средина. Тоа се главно студенти кои студираат хрватски јазик, а изборот на македонски им е некако и природен зашто и македонскиот е јужнословенски и полесно можат да го научат од некои други словенски јзаици“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК лекторката Стојановска-Ѓуриќ.
Освен како лектор, таа презема и бројни други активности за популаризација на македонскиот јазик, литертура и култура во Хрватска, поради што Oпштина Битола ѝ ја додели наградата за едногодишни достигнувања „4 Ноември“.
Во Риека е најбројниот лекторат по македонски јазик во светот. Стојановска-Ѓуриќ соработува и со Македонското културно друштво „Илинден“ од Риека каде со студентите гледаат македонски филмови, а потоа ги дискутираат, присуствуваат на трибини и одбележувања на празници поврзани со македонската култура и традиција.
„Минатата 2023 година го иницирав одбележувањето на јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека. Издадовме монографија ‘Со поглед кон Европа’ која содржи 20 текстови од стручањаци поврзани со работата на Лекторатот и превод на современите македонски бајки ‘Детелинки белинки’ на хрватски јазик, јас бев ментор, а преводите ги правеа студентите“, додава лекторката.
Нејзиниот ангажман беше препознат од Хрватската радио-релевизија, која го сними документарецот „Дворец од букви“ во кој посебно место зазема Битола, како нејзин роден град.
Филмот беше премиерно прикажан на ХРТ1 во февруари 2024 година по повод 21 февруари, Меѓународен ден на мајчиниот јазик. Во него се зборува и за бајката „Змејот од Пелистер“, чиј автор е лекторката. Исто така говорат и студенти дека професорката им всадила голема љубов кон јазикот и изучувањето кирилица, па денес се преведувачи од македонски на хрватски јазик.
Стојановска-Ѓуриќ беше и учителка по македонски во ОУ „Центар“ во Риека. Им држеше настава на учениците од прво и осмо одделение, а денес таа е и запишана на докторски студии на Филозофскиот факултет во Риека.
„Наградата ‘4 Номеври’ особено ми значи зашто мојот труд е препознат од мојот роден град. Во Битола сум родена и сум се школувала до мојата 18 година, а сега оддалеку придонесувам за промоција на Битола и на Македонија“, рече Стојановска-Ѓуриќ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА