Граѓаните кои утре нема да ги подигнат ваучерите за инвертери, тоа ќе можат да го направат до 30 ноември во просториите на Министерството за енергетика. Откако од Министерството прво објавија дека ваучерите ќе се подигнуваат само утре во пунктови по градовите, утрово кажаа дека ќе има дополнителен рок.
„Со цел олеснување и поефикасно доделување на ваучерите на граѓаните, процесот на дистрибуција оваа година е организиран со поголема флексибилност и достапност. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги извести добитниците на вредносните ваучери преку средствата за јавно информирање, веб страната на Министерството и преку СМС порака дека доделувањето на ваучерите ќе се одвива утре од 9 до 17 часот во СЦ ‘Борис Трајковски‘ за жителите на Скопје, во Битола во салата ‘Боро Чурлески‘. За останатите градови, подигнувањето на вредносните ваучери ќе биде во Центрите за вработување. За граѓаните што нема да бидат во можност да ги подигнат ваучерите на одредениот датум, обезбедена е дополнителна флексибилност, да можат да ги подигнат до крајот на месецот, во просториите на Министерството“, соопштија од Министерството.
Вкупниот број на домаќинства кои ќе добијат вредносен ваучер преку двете програми изнесува 6.182. Преку програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23.000 денари или 25.000 денари се 4.591 домаќинствo, а преку програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери во вредност до 30.000 денари се 1.591 домаќинство.
Ваучерите треба да се искористат до 30 ноември.
А. АНТЕВСКА