Генерално, ние дишеме загаден воздух и внатре и надвор, рече денеска ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, пред почетокот на панел-дискусијата „Подобрување на квалитетот на воздухот со цел креирање безбедна, креативна и продуктивна средина за учење“, на кој беа презентирани резултатите од истражувањето за загадувањето на внатрешниот воздух во пет училишта и пет градинки во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга. Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и е финансиран од Кралството Шведска.
„Добиените резултати јасно укажуваат дека слично како и кај надворешниот воздух, високите концентрации на суспендирани честички се најсериозен загадувач на внатрешниот воздух во училиштата и градинките. Додека просечните концентрации на другите загадувачки материи вклучени во истражувањето, како гасовите јаглерод моноксид, јаглерод диоксид и формалдехид, речиси без исклучок се во рамките на препорачаните вредности, а микробиолошката чистота на воздухот може да се оцени како генерално прифатлива, измерените просечни концентрации на суспендирани честички (РМ 2,5) ги надминуваат препорачаните гранични вредности за двапати, па дури и трипати“, стои во истражувањето.
Според извештајот, измерените просечни концентрации се и меѓу највисоките концентрации публикувани од други слични истражувања, што, како што се вели, само го потврдува фактот дека се работи за сериозен проблем со негативно влијание врз здравјето, способноста за концентрација и удобноста на учениците и наставниците, односно врз нормалното одвивање на образовниот процес во целина.
Ректорот рече дека за разлика од надворешниот воздух, за внатре имаме повеќе решенија, од современи системи за вентилација до самостојни системи за филтрација на воздухот, кои според современи студии можат да намалат 80-90 отсто од концентрацијата на суспендирани честички. Тука се и едноставни мерки за хигиена, почесто мокро пребришување, користење други облека и обувки за внатре, замена на класичните табли со креда.
„Еден од примарните извори на суспендирани честички во училниците е преносот на честички од надворешните средини преку обувките и облеката на децата. Носењето посебни обувки и/или облека, наменети само за внатрешниот простор на училиштето, може ефективно да го минимизира количеството на надворешна прашина што навлегува во училниците, а со тоа и да ги намали вкупните концентрации на суспендирани честички во истите“, е една од препораките.
„Ако надвор го решиме квалитетот на воздухот, долгорочно ќе го решиме и внатре“, кажа Мираковски.
Б. НЕСТОРОСКА