БЕЛГРАД ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА ПРВИОТ SLAPP НАТПРЕВАР ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, НА КОЈ ЌЕ СЕ ПОСРАМОТУВААТ ОНИЕ КОИ ПОДНЕСУВААТ ТУЖБИ ПРОТИВ НОВИНАРИ И АКТИВИСТИ

    БЕЛГРАД ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА ПРВИОТ SLAPP НАТПРЕВАР ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, НА КОЈ ЌЕ СЕ ПОСРАМОТУВААТ ОНИЕ КОИ ПОДНЕСУВААТ ТУЖБИ ПРОТИВ НОВИНАРИ И АКТИВИСТИСтратешка тужба против јавното учество е тужба против поединец или организација која има за цел да уплаши, замолчи и спречи учество во јавна дебата. - Од протестот на новинарите во 2023 (Фото: СДК.МК)

    Белград на 28 ноември ќе биде домаќин на првиот SLAPP натпревар за Западен Балкан, на кој ќе се соберат граѓански организации, активисти и новинари кои се борат против стрaтешките тужби против јавното учество (Strategic Lawsuit Against Public Participation) – SLAPP. Натпреварот има за цел да укаже на застрашувачките ефекти што овие тужби ги имаат врз слободата на изразувањето, демократијата и граѓанскиот активизам и да ги посрамоти оние кои покренуваат вакви тужби.

    Натпреварот го организира Европскиот фонд за Балкан во партнерство со Граѓанска иницијатива, по примерот на Европскиот SLAPP натпревар во организација на Коалицијата против СЛАПП во Европа. Жири составено од регионални и меѓународни експерти ќе додели награди во две категории: еколошки штетник и попречувач на транспарентноста, а ќе има и посебна награда во изборот на публиката.

    Стратешка тужба против јавното учество е тужба против поединец или организација која има за цел да уплаши, замолчи и спречи учество во јавна дебата. Овие тужби најчесто се насочени против независни медиуми и активисти и водат кон самоцензура и задушување на важни теми кои се од интерес на јавноста.

    Подносителот на SLAPP вообичаено не очекува да ја добие тужбата, туку неговите цели се исполнуваат ако тужениот се уплаши, подлегне на притисокот, исцрпи и на крајот се откаже од критиката.

    „Целта не е да се добие правда, туку да се малтретираат тужените, со цел да се демотивираат или откажат од јавна критика. Овие тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат цензура кај новинарите, а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните“, велат од Здружението на новинари на Македонија.

    За да се заштити слободата на говорот, некои држави имаат донесено закони против SLAPP, термин што бил осмислен од американските професори Пенелопи Канан и Џорџ Принг во 1980-тите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира