ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИ БЕБИЊА, НА СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈА ЌЕ ПОЧНЕ ПИЛОТ ПРОЕКТ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ПРЕЕКЛАМПСИЈАТА

    ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИ БЕБИЊА, НА СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈА ЌЕ ПОЧНЕ ПИЛОТ ПРОЕКТ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ПРЕЕКЛАМПСИЈАТАВо чест на 17 Ноември, Светскиот ден на предвремено родените бебиња директорката кажа дека постојат повеќе ризик фактори за предвремено породување, меѓу кои е и загадениот воздух. (Фото: СДК.МК)

    Во Македонија лани имало 604 предвремено родени бебиња, а оваа година бројот на предвремено родени бебиња е 681. Директорката д-р Ирена Алексиоска-Папестиев вели дека заради превенирање на предвремена бременост, во Клиниката од крајот на оваа година ќе почне пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на пациентки кои што би развиле прееклампсија, а исто така пуштен е во употреба и интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација. Прееклампсија е состојба која се јавува за време на бременост и резултира со висок крвен притисок, зголемено присуство
    протеини во урината и отоци, а се јавува најчесто по дваесеттата недела од бременоста.

    Во чест на 17 Ноември, Светскиот ден на предвремено родените бебиња директорката кажа дека постојат повеќе ризик фактори за предвремено породување, меѓу кои е и загадениот воздух.

    „Загадениот воздух претставува еден од ризик факторите, кои што во текот на бременоста можат да влијаат на предвремено породување. Сѐ повеќе податоци од литературата говорат дека дефинитивно има влијание загадениот воздух, за да дојде до предвремени породувања, при што потоа овие пациентки ќе станат дел од интензивната нега“,  рече Алексиоска-Папестиев.

    Како што додаде, еден од ризик факторите за предвремено породување е и возраста кај жената.

    „Денес современата жена прво ја реализира кариерата, а потоа се посветува на завршување на репродуцијата. Еден од ризик факторите е токму ова бременоста после 35-годишна возраст. Тоа е така затоа што во таа возраст, кај мајката веќе постојат коморбидитети на некои органи, кои нас гинеколозите не приморуваат предвремено да ја терминираме бременоста, со цел да ја заштитиме мајката“, кажа Алексиоска-Папестиев.

    Исто така, причините се и инфекции, како и повеќеплодова бременост. Директорката напомена дека планот е оваа година да се фокусираат најмногу на прееклампсијата.

    „Прееклампсијата претставува заболување, каде што имаме мултиорганско зафаќање на самата трудница и се карактеризира со покачен крвен притисок, и со протеинурија кај мајката. Многу пати е придружено со компликации како за мајката, така и за плодовите. За плодот, затоа што не приморува некогаш ние предвремено да ја завршиме самата бременост и на тој начин да биде проследена со одредени компликации за овие недоносени дечиња“, додаде Алексиоска-Папестиев.

    Таа кажа дека во последните две децении се бележи континуиран пораст на прееклампсијата, дури до 25 проценти. Тоа е, како што рече, резултат на зголемување на старосната граница кога жената одлучува да ја реализира својата репродуктивна функција, при што пет до осум отсто од трудниците можат да бидат комплицирани со ова заболување.

    Потенцираше дека во Македонија, од 16 илјади раѓања, 800 до 1.280 пациентки имаат ризик за појава на преекламспија.

    „Со цел ние да го превенираме и навремено да ја третираме пациентката кај која што би се јавила преекламспијата, ќе се почне со една пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на овие пациентки кои што би развиле прееклампсија. Тоа значи дека сите трудници ќе можат да бидат испратени на Клиниката, каде што ќе биде навремено детектирано дали има ризик за појава на преекламспија. Тоа ќе ни овозможи да превенираме со соодветна терапија, за да не дојде до предвреме завршување на бременоста“, рече Алексиоска-Папестиев.

    Според заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, статистиките кои од 2017 година покажуваа смртност на над 21 процент, годинава истите се намалени на 6,7 проценти, односно 2 проценти во прочистената перинатална смртност.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира