Русија изведе напад со балистички проектили врз Одеса, при што загинаа најмалку осуммина луѓе. Регионалниот шеф Олег Кипер кажа дека има и 39 ранети, вклучувајќи четири деца.
„Тројца од повредените се во критична состојба“, додаде Кипер.
Претседателот Володимир Зеленски кажа дека во нападот биле погодени паркинг, станбена зграда, универзитет и административна зграда.
„Русија и со овој напад покажа за што е навистина заинтересирана: само војна и тоа треба да го знае целиот свет“, кажа Зеленски, додавајќи дека се утврдуваат точниот број жртви и обемот на штетата.
Одеса е без струја од вчерашниот голем руски напад врз енергетскиот систем на Украина.
Русија ноќеска го ракетираше и градот Суми, при што имаше најмалку 11 мртви и 89 ранети.