Амбасадата на Шпанија во Македонија организира литературен конкус насловен „Раскажи ми приказна“ посветен на легендарната македонска писателка Оливера Николова, која почина на 4 ноември на 88 години. Конкурсот го организира Амбасaдата со Студиото за јазици „Каста дива“, а форматот треба да биде краток расказ, графички расказ и стрип.
„Светот на децата е еден посебен свет, безгрижен, спокоен, полн со љубов. Во сите култури постојат автори кои се дел од тој детски свет, автори кои со своите реч или цртеж влијаеле на нив и ги исполнувале нивните дни. Такви се Кино од Аргентина со својата Мафалда, Елвира Линдо од Шпанија со својот Манолито гафотас и македонската Оливера Николова со својот Зоки Поки. Овој месец почина нашата Оливера Николова, која со своите ликови од Зоки Поки го обележа животот на сите нас и направи детските сништа да бидат повесели, поразнобојни, а ликовите да ни бидат верни другари додека растевме“, велат од Шпанската амбасада.
Темите се: Детето во мене, Ќе ти раскажам приказнa, Со што може да се купи сиот свет?
Материјалите треба да се достават во печатена форма најдоцна до 12 декември 2024 , во затворен коверт, со шифра во Студиото „Каста Дива“.
Текстовите може да се напишат на македонски или на шпански јазик.
Предвидени се награди за најдобрите, а победниците ќе бидат прогласени на 22 декември.