Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека со банките е договорена каматна стапка од 1,95 отсто, до три години грејс период и до 15 години отплата за 250-те милиони евра од унгарскиот кредит, наменети за компаниите. Мицкоски вели дека станува збор за историски договор со историски најниска каматна стапка.
„Од неколку од банките веќе имаме потврда и очекувам најголем дел од нив да застанат зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем да бидат поделени на македонското стопанство. Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешното пуштање во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопското село Булачани.
За да добијат кредит, компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ на кредитот е ограничен на 10 милиони евра.
Вкупниот износ на кредитот од унгарската Експорт-импорт банка е 500 милиони евра, од кои половина ќе одат за инфраструктурни проекти за општините. Унгарскиот кредит е со каматна стапка 3,25 отсто, грејс период од три години и орк на отплата од 15 години.