Кинескиот бизнисмен со криптовалути Џастин Сун го исполни ветувањето и ја изеде бананата од уметничкото дело „Комичар“, што неодамна го купи на аукција за 6,2 милиони долари. Делото на италијанскиот уметник Маурицио Кателан се состои од банана залепена на ѕид.
Триесет и четиригодишниот Сун ја изеде бананата пред десетици новинари и инфлуенсери во еден од најскапите хотели во Хонгконг, при што одржа говор, во кој делото го опиша како легендарно.
„Повкусна е од други банани. Навистина е добра. Нејзиното јадење на прес-конференција исто така може да стане дел од историјата на делото“, кажа Сун.
Откако стана сопственик на делото, Сун доби потврда за автентичност и инструкции како да го постави, што го вклучува и менувањето на бананата.
„Комичар“ имаше премиера на Уметничкиот саем во Мајами во 2019 и таму се продаваше за 120.000 долари, што покрена голема дебата за природата и вредноста на уметноста. Целата драма се прошири на интернет откако уметникот Дејвид Датуна ја тргна бананата од ѕидот и ја изеде, по што беше заменета со друга.