ЈУЖНОКОРЕЈСКАТА ОПОЗИЦИЈА ПОЧНА ПОСТАПКА ЗА ОТПОВИКУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЈУН ПО ОБИДОТ ДА ВОВЕДЕ ВОЕНА СОСТОЈБА

    ЈУЖНОКОРЕЈСКАТА ОПОЗИЦИЈА ПОЧНА ПОСТАПКА ЗА ОТПОВИКУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЈУН ПО ОБИДОТ ДА ВОВЕДЕ ВОЕНА СОСТОЈБАГраѓаните и натаму протестираат во Сеул и бараат апсење на претседателот Јун (Фото: ЕПА)

    Јужнокорејските опозициски пратеници започнаа постапка за отповикување на претседателот Јун Сук Јеол поради неговиот пропаднат обид да воведе воена состојба во земјата.

    Јужна Кореја се разбуди со неизвесна реалност по драматична ноќ во која Јун прогласи воена состојба, која парламентот ја укина, по што и самиот Јун објави дека ја повлекува својата одлука. Откако поднесе барање за негово отповикување, опозициската Демократска партија ја осуди декларацијата на Јун како бунтовничко однесување. Парламентот ќе гласа за отповикување на Јун в сабота, за што е потребна поддршка од две третини од пратениците.

    Не смееме да дозволиме демократијата да пропадне. Животот и безбедноста на луѓето мора да бидат заштитени“, изјави Ким Јонг-џин, член на централниот комитет на Демократската партија.

    Таа кажа дека сака да го обвини Јун за кривични дела поврзани со побуна, а како соучесници во донесувањето на декларацијата ги наведе министрите за одбрана и за внатрешни работи. Двајца блиски соработници на Јун, меѓу кои и шефот на неговиот кабинет, денеска поднесоа оставка.

    Училиштата, банките и владините канцеларии во Сеул нормално работат денеска, иако протестите продолжија, при што се бара апсење на Јун. Најголемата синдикална организација во Јужна Кореја објави дека почнува штрајк што ќе трае сѐ додека Јун не си замине.

    Стотици војници се обидоа да влезат во парламентот откако Јун прогласи воена состојба за, како што кажа, да се справи со антидржавните елементи во земјата, но по некое време се повлекоа. Иако парламентот изгласа поништување на декларацијата, војската кажа дека воената состојба ќе остане на сила сѐ додека Јун не ја укине.

    Јун беше избран за претседател во 2022 и веќе беше непопуларен и под голем притисок откако ги изгуби парламентарните избори во април.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира