Феноменот на свесно и намерно користење штетни наративи во политичката комуникација, како од политичарите, така и од медиумите, беше тема на конференцијата „Одговорни институции преку зголемена транспарентност и политичка комуникација“, која е во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС).
На оваа конференција важна за транспарентноста при практицирањето на власта и водењето на државните институции, секоја година доаѓа и зборува премиерот на државата.
Британскиот заменик-амбасадор Даниел Филер кажа дека Велика Британија, која е донатор на проектот „Користи факти“ што го имплементира ИКС, ќе продолжи да работи со партнерите во насока на намалувањето на просторот за дезинформации и штетни наративи. Тој беше воведничар на конференцијата и кажа:
„Градењето на здрави демократии врз основа на принципите на слобода и инклузивност е од суштинско значење за сите општества и го намалува просторот за штетни политички наративи и дезинформации. Горди сме што заедно со нашите партнери ИКС, работиме заедно на промовирање на професионално и фактичко новинарство, како и на промовирање транспаретност и отчетноста во државните институции во Македонија. Велика Британија е силен и долготраен и долгорочен партнер на Македонија. Ние ќе продолжиме да работиме со нашите партнери во насока на намалување на просторот за дезинформации и штетни наративи, како и во давањето на поддршка на институциите медиумите и граѓанското општество, а со цел зајаканување на демократските процеси и поддржување на демократските вредности во државата“.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека отчетноста и транспаретноста се приоритет на Владата.
„Отчетноста и транспаретноста се наш приоритет и како Влада ќе продолжиме така да функцонираме. Секогаш се трудиме да бидеме што е можно повеќе транспарентни. Јас секогаш се трудам да одговорам на сите прашања. Нема посакувани и непосакувани прашања. Секогаш кога сум бил прашан не сум избегнал ниту една тема. Се разбира дека постои простор за подобрување, секогаш постои можнсот да бидеме подобри“, рече Мицкоски.
За зголемување на медиумската писменост која моментално е на жално ниво во Македонија, тој кажа дека тоа е посуштински проблем и не се решава преку ноќ.
„Ова е еден процес во кој треба медиумите, јавноста и од друга страна Владата, да изготвиме некое решение, но тоа да не биде сфатено како цензура или нешто коешто ќе може да ги наруши човековите права, туку да биде нешто коешто ќе биде демократска алатка со која ќе можеме да ги катализираме вистинските информации да стигнат во вистинско време на вистинско место“, размислува Мицкоски.
Професорката Елеонора Серафимовска од ИКС ги презентираше резултатите од деветмесечното истражување за штетните наративи во Македонија, во периодот од септември 2023 до мај 2024, односно во предизборниот и изборниот период. Таа кажа дека штетните наративи во тие дијалози и јавни политички настапи се присутни со 21 отсто од целокупната комуникација.
Во овој период биле прекршени и сите стандарди и начела за коректна политичка комуникација: начелото за транспарентност, професионалност и непристрасност во комуникацијата со владините претставници, комуникација базирана на докази, неширење на говор на омраза и дискриминаторски говор, етичка комуникација и зачувување на слободата на говор.