Започна зимската туристичка сезона на Попова Шапка. Од ски центарот велат дека се подготвени за бројните посетители, ски лифтовите и жичарниците се во функција, а првите гости веќе се на скијачките патеки.
Висината на снегот на Попова Шапка е над 40 сантиметри. Оваа сезона од угостителските објекти кои се во сопственост на ски центарот ќе работи само хотелот „Славија“, додека хотелот „Попова Шапка“ е затворен и вон употреба,a ќе работат и неколку приватни хотели.
Од овој викенд сите граѓани и туристи кои сакаат да ја посетат Попова Шапка, наместо да одат со возила од Тетово до Попова Шапка и да имаат проблеми со паркирањето, ќе можат да ја користат редовната линија за јавен превоз. Оваа линија ќе биде во функција секоја сабота и недела. Патниците ќе се превезуваат со автобуси на Јавното претпријатие „Тетово Транспорт“, а цената за повратен билет изнесува 200 денари.
З. АНДОНОВ