Србија на 8 октомври 2014 ги започна преговорите за пристапување во ЕУ. Оттогаш, возбудата, исчекувањето и интересот за ставот на Европската комисија за процесот на пристапување на Србија во ЕУ одамна ги нема, се вели во анализата на на тинк тенкот Советничка група за политики за Балканот во Европа (БиЕПАГ). Нема големи изненадувања, негативни или позитивни, а „бизнисот како и обично“ може да биде најдобриот начин да се опише моменталната перспектива на Србија за пристапување во ЕУ.
ЕК уште еднаш препорача отворање преговори за Кластерот 3, бидејќи Србија ги исполни одредниците за отворање, но земјите-членки допрва треба да постигнат консензус и да одлучат за ова прашање. Трите главни области кои ќе продолжат да ја дефинираат динамиката на преговорите за пристапување на Србија во ЕУ остануваат непроменети: реформите во областа на владеењето на правото, нормализацијата на односите со Косово и усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, особено во однос на санкциите против Русија по нејзината агресија врз Украина.
Кога станува збор за клучните чекори, извештајот истакна дека високото ниво на односи со Русија и Кина продолжува да покренува прашања за стратешката ориентација на Србија; уште еднаш Србија е поканета да ги подобри изборните услови и да ги почитува препораките од ОДИХР/ОБСЕ „како приоритетно прашање“ (за жал, дел од кредибилитетот на ЕУ беше неповратно оштетен од нејзината неподготвеност да реагира поодлучно по последните избори во Србија); ЕК го забележува тешкото опкружување во кое работат граѓанските организации и новинарите, што директно влијае на слободата на изразување.
Дополнително вреди да се напомене дека оваа година ЕК успеа да даде оценка за функционирањето на демократските институции, што е составен дел од кластерот на основите и на тој план Србија се најде позиционирана зад Црна Гора, Молдавија, Северна Македонија и Албанија.
Статистички гледано, Србија постигна минимален напредок во однос на нејзината подготвеност за членство во ЕУ. Просечната оценка 3,11 е подобра за 0,06 поени во однос на лани. Дали граѓаните можат да го почувствуваат подобрувањето на својот живот за 0,06 поени? Дали се чувствуваат 0,06 поблиску до ЕУ? Јас не би се обложил на тоа. Во однос на постигнатиот напредок во споредба со минатогодишниот извештај нема ниту еден евидентиран во девет преговарачки поглавја и во областа на реформата на јавната администрација, додека во четири поглавја е забележан напредок од половина поен (поглавја 16, 18, 21, 24).
Со ова темпо на усогласување со регулативите и стандардите на ЕУ, на Србија ќе и требаат децении да ги исполни условите за членство, а Владата штотуку си постави амбициозна задача да го заврши овој процес до крајот на 2027 (што е доцнење од девет години во споредба со оригиналниот план претставен во воведната изјава на Република Србија на почетокот на пристапните преговори). Причините за ваквиот слаб настап се различни и секако е можно да се најде алиби во тоа што до 2022 година процесот на проширување на ЕУ застана (иако, никој не ги спречи српските власти самостојно да ги спроведат потребните реформи во корист на сопствените граѓани). Сепак, по руската агресија врз Украина, нов моментум е очигледен.
Она што е особено интересно за овогодинешниот извештај е што неговото објавување се совпаѓа со завршувањето на мандатот на старата Комисија и веднаш по посетата на нејзиниот нов/стар претседател на регионот. Јавноста во Србија беше особено заинтересирана за непропорционалноста помеѓу позитивните оценки изразени за време на нејзината посета и суштината на извештајот напишан од администрацијата на претседателот на ЕК. За жал, контрастот е очигледен, а оценката дека српските власти ги исполнуваат своите обврски не наоѓа своја потврда во извештајот.