Двојазичен поздрав на кондуктер во патнички воз во Фландрија предизвика големи контроверзи и расправии во јазички поделената Белгија.
Националната комисија за лингвистичка контрола отвори истрага откако патник кој зборува холандски вложил жалба зашто кондуктер го поздравил со „добро утро“ на француски јазик при влегувањето во воз во Мехелен. На Фејсбук се огласи и кондуктерот Илјас Алба, кој кажа дека тој ден ги поздравил патниците со „goeiemorgen, bonjour“.
Тоа не му било доволно добро на патникот, кој му одговорил на Алба: „Се уште не сме во Брисел, мора да збориш само на холандски“.
Патникот технички бил во право, зашто според сложените јазички правила во Белгија, кондуктерот би требало да ги користи двата јазика само во Брисел и во другите двојазични региони на земјата. Министерот за транспорт Жорж Жилкине застана во одбрана на Алба, велејќи дека во мала земја како Белгија регионалните граници се преминуваат цело време.
„Употребата на неколку јазици за да се каже ‘здраво‘ не ме шокира“, рече Жилкине.
Со него не се согласија некои политичари кои зборат холандски.
„Не смееме тукутака да го отфрламе нашето јазично законодавство“, изјави Сами Махди од партијата Фламански христијански демократи.