Комуналните редари или полицајци, кои се предвидуваат со новите измени на Законот за локална самоуправа, ќе бидат облигаторна работа за Општините и ќе немаат можност за избор од типот – сакаме или не сакаме да ги интензивираме комуналните надзори, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински на консултативната средба што се одржа со градоначалниците од Пелагонискиот Регион и други граѓани во Битола.
„Комуналните редари и сега се предвидени во Законот за комунални дејности, но кога ќе ги предвидеме и во Законот за локална самоуправа, тоа ќе биде облигаторна работа која ќе мора да ја извршуваат градоначалниците. Ваквата дејност ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа и ќе се доуреди со Законот за комунални дејности, бидејќи таму е опишана целата материја. Инаку, треба да превенираат девијантни појави на мала група граѓани кои секеојдневно несоодветно го депонираат отпадот или несоодветно постапуваат со урбаната опрема за која локалните самоуправи и тоа како издвојуваат средства од своите буџети. Сакаме да го коригиреме тоа однесување и да го превенираме за да имаме пофункционални средини и на крај на денот, да имаме поубаво место за живеење“, рече Перински.
Во Општините веќе постојата одделенија со комунални инспкетори, но градоначалникот на Битола Тони Коњановски вели дека или немаат ингеренции за да дејствуваат во дел од ваквите девијантни однесувања или пријавите тешко се процесуираат низ правниот систем.
„Се соочуваме со огромен број проблеми. Со нашето доаѓање пред три години се обидовме да ангажираме луѓе и од постоечкиот капацитет на локалната самоуправа, но и надворешни кои беа добро брендирани и означени, за да направат ред околу пазарите, продавањето на улица земјоделски производи, депонирањето отпад и друго, немаат ингеренции и луѓето знаеја дека не можат да постапат ефикасно, па акцијата доживеа неуспех. Се трудиме со нашиот Инспекторат, но се соочуваме со луѓе кои знаат дека нема да бидат казнети или тешко оди тоа процесуирање низ сиот систем“, рече Коњановски.
Тој додаде дека Одделението за комунална инспекција во Битола опфаќа и други инспектори, како градежни и брои шест до седум вработени лица, но проблем е недостатокот на ингеренции.
Законот за локална самоуправа е стар 20 години и потребни се негови измени за се подобри квалитетот на локалните услуги. Во него се предвидува и опцијата за отповикување градоначалник. Од Битола тргнаа консултативните средби со граѓани и претставници на локалните самоуправи, за на транспрентен начин да се слушнат предлозите и на крај да се подготват добри законски решенија. Процесот е поддржан од Програмата за развој на Обединетите акции (УНДП) и швајцарската амбасада.
Ж. ЗДРАВКОВСКА