Кај струмичко Костурино и дојранско Црничани, геомагнетни снимања потврдија постоење на неолтиски населби стари 8 милениуми, вели археологот Зоран Рујак од струмичкиот Завод и Музеј. Наодите следат откако екипи од оваа институција заедно со стручна поддршка од Археолошкиот музеј на Македонија и геофизички тим од соседна Бугарија извршија геомагнетни истражувања на овие два локалитета. Овие снимања се правеа за да се утврди просторната организација на двете населби за кои се претпоставува дека се од раниот неолит.
„Прелиминарните резултати ги потврдија досегашните сознанија дека неолитските населби се кружно или полукружно организирани, а објектите во нив, радијално распоредени. Исто така, се покажа дека една од населбите била опкружена со неколку окопи ровови, распоредени лепезесто околу централниот простор. Ова само ги потврдува нашите досегашни истражувања дека овде постоела цивилизација во организирани населби речиси осум милениуми“, ни изјави Рујак.
Локалитетот Орниче кај Костурино почна археолошки да се истражува пред шест години, но работите не продолжија оти немаше веќе пари. Тогаш археолозите дојдоа до одредени наоди дека постоела населба од средниот неолит конкретно земјоделско сточарска заедница. Новите геомагнетни скенирања потврдија дека таа населба се простирала на голема површина.
„Врз основа на резултатите од геомагнетните истражувања наредната година ќе продолжат истражувањата на локалитетот Орниче кај Костурино, а од 2026 година можно е да се пристапи на истражувања на локалитетот Атици-споменикот кај Црничани“, рече Рујак.
Геомагнетните скенирања на овие два локалитета беа подржани од Министерството за култура и туризам како дел од годишната програма на струмичкиот Завод и музеј.
В. ТРАЈКОВ