Митко Штерјов, доктор по археологија и конзерватор и советник во Заводот и Музеј во Штип и неговиот колега Ване Секулов, археолог, кустос и советник во Заводот и Музеј во Струмица, меѓу штипските села Таринци, Карбинци, Радање и Аргулица на земјоделски површини во близина на месноста Беш Тепе открија две могили од вкупно 5 до 10 гробници, колку што се смета дека има во овој регион.
Кај една од откриените гробници пронајдени се остатоци од керамика и една монета кои датираат од крајот на вториот и од почетокот на третиот век, од времето на владеењето на римскиот цар Септимиј, кој се смета за основач на династијата Север.
Штипскиот археолог Штерјов тврди дека од сите могили, оваа е најинтересна затоа што има неправилна кружна форма, деформирана од земјоделски работи со текот на времето, но сепак зачувана со димензии 16×12,70 метри. Градена е во редови со впечатлив речен камен и сите наоди од нејзината внатрешност говорат дека се работи за гробница на мошне значајна, моќна и богата личност од тоа време.
„Оваа камена конструкција е посебна и по тоа што од површината на теренот кон врвот има четири камени скали. На врвот, исто така направено од камен, има простор каде се оставале дарови, храна и пиење за душата на починатиот“, вели Штерјов.
Неговиот колега Секулов додава дека веднаш до местото за дарови, а на два метра над централниот гроб, се откриени два гроба со кремирани покојници. Централниот гроб е со форма на речиси идеален правоаголник и интересно е што и страните и дното се многу убаво обработени и постојат остатоци од ритуално горење, што, според Секулов, дава право да се заклучи дека тука бил изведен чинот на пурификација, односно прочистување со оган од зли духови.
„Во централниот дел од гробната јама е направено лежиште за урната, во која биле собрани остатоците од кремираниот покојник, но според наодите, речиси со сигурност можеме да сметаме дека кремирањето било на друга локација. Тоа што во гробот нема други остатоци ни зборува дека гробот бил ограбен, заедно со урната, која најверојатно во тоа време имала голема вредност, затоа што се работи за некој моќен и богат великодостојник“, вели Секулов.
Тој и Штерјов бараат од надлежното министерство двете откриени гробници да се конзервираат без да се наруши веќе воспоставениот земјоделски габарит и со една инфраструктурна комбинација да влезат во новата туристичка мапа за посетителите, посебно поради тоа што во овој регион, освен импозантниот археолошки локалитет „Баргала“, нема други наоѓалишта.
Т. ЈОВАНОВСКИ
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ОФИЦИЈАЛЕН ЈУТЈУБ КАНАЛ ЗА „САКАМ ДА ВЕЖБАМ“