ВО ШКОЛСКИТЕ ДВОРОВИ НЕ СМЕЕ ДА ИМА КАФУЛИЊА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    ВО ШКОЛСКИТЕ ДВОРОВИ НЕ СМЕЕ ДА ИМА КАФУЛИЊА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕОд Министерството велат кафулиња во школите не одат во прилог на воспитно-образовниот процес на учениците;- Министерката Весна Јаневска. (Фото: СДК.МК)

    Во школите не смее да има кафулиња бидејќи станува збор за воспитно-образовни установи, велат од Министерството за образование и наука (МОН). Откако САКАМДАКАЖАМ.МК по добиени пријави од граѓани на алатката Пријави проблем објави текст дека училишните дворови се претворени во кафеани во кои се прават забави, родендени па дури и свадби, од Министерството изјавија дека оваа пракса мора да престане.

    „Во училиштата се обавува воспитно-образовна дејност и согласни сме дека не треба да има содржини или услуги кои не одат во прилог на младите и нивниот воспитно-образовен процес. Во изминатите 6 месеци новото раководство на МОН пристапи кон решавање на бројни предизвици кои беа наталожени во последните неколку години, така што, веруваме дека ќе се изнајде соодветно решение и по однос на прашањето кое го поставувате“, велат од Министерството за образование и наука.

    Со дозвола на Општините, директорите на училиштата ги издаваат дворовите на приватни фирми под закуп, со образложение дека ќе се одржуваат спортски терени кои за време на наставата ќе можат да ги користат и учениците.

    После завршување на наставата, спортските терени ги користат спортски клубови или граѓани кои спортуваат до доцна во ноќта. Но, наместо само за спортски активности, во дворовите никнуваат кафулиња, во кои, иако се наоѓаат во воспитно-образовни институции на малолетници се точи алкохол, се прават родендени, забави, па дури и свадби.

    Според анкетата, на територијата на Општина Центар како училишни дворови кои се изнајмени за спортски активности се наведуваат основните училишта „Димитар Миладинов“ и „11 Октомври“, во Општина Аеродром училиштето „Блаже Конески“, а во Општина Кисела Вода за балони издадени се дворовите на училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Шапкарев“. Во Општина Карпош издаден е училишниот двор на „Петар Поп Арсов“ за приватна градинка.

    Во овие училишта кои се надлежност на Општините нема кафулиња, но граѓаните се жалат дека до доцна во ноќта има спортски активности и летно време има голема бучава.

    Најекстремен случај за издадени дворови се средните училишта „Јосип Броз-Тито“ и „Георги Димитров“. Тие буквално се претворени во кафеани.

    Во гимназијата „Јосип Броз-Тито“, закупецот покрај кафуле кое работи преку цел ден и е буквално залепено до школото има поставено балон за фудбал, а низ дворот летно време има најразлични детски реквизити односно претворен е во игротека со лизгалки, лулашки, трамполини. Постојано во училишниот двор се организираат детски родендени и се точи алкохол, а исто така навечер се прават и забави. Директорката Силвана Кржовска не одговори на нашите барања за разговар за изнајмувањето на дворот.

    Кафуле кое е заградено со стакло и во него се поставени греалки има и во дворот на гимназијата „Георги Димитров“. И во него може да влезе кој сака додека има настава, а навечер се прават забави, па дури и свадби. Директорот на гимназијата Сашо Стоименов вели дека аномалии има и во иднина ќе се внимава какви договори ќе се склучуваат за издавање на училишните дворови.

    Спортски терени со кафуле има и во средното училиште „Никола Карев“, а според пријавите кои ги добивме од граѓаните, во средното економско училиште „Арсени Јовков“ во Бутел дворот е издаден за автоперална.

    Оваа пракса ја има само во Скопје.

    Во другите градови низ земјава во дворовите нема кафулиња. Во училишните дворови во Штип нема некакви пренамени, единствено во близина на дворовите на некои училишта има по некој киоск за храна. Во Тетово дворовите не се издаваат, но за време на летниот распуст дворовите од 4 училишта се претворени во паркинзи. Во Битола некои од училиштата со утврден ценовник изнајмуваат термини во спортските сали за спортски здруженија, но само за спорт. Нема кафулиња, музики, алкохол и друго. Велес и Струмица немаат пракса за рентање на школските дворови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира