Расте бројот на заболени од рак на грло на матка во Македонија, покажува новиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Бројот на нови случаи за 2022 со рак на грлото на матка изнесува 173, а бројот на починати од ова заболување бил 66. Во 2021, имало 152 заболени и 41 почината.
Во периодот од 10 години, односно од 2013 до 2022 просечната инциденца за ова заболување била 9,2 на 100000 жени, или околу 170 нови случаи секоја година, тоа го прави ракот на грлото на матката 6. најчесто малигно заболување кај жените.
Според податоците за морталитет, морталитетот изнесува 2,9 смртни случаи на 100.000 жени, или во просек 52 починати жени во овој период од рак на грлото на матката.
„Со редовни прегледи и водење добра грижа за сопственото здравје, сите овие смртни случаи може да бидат избегнати, бидејќи добар скрининг и рано откривање на сите случаи, води кон добри можности за ефикасен третман и избегнување на многу смртни случаи“, велат од Институтот во чест на јануари, месец посветен на подигнување на свеста за рак на грлото на матката.
Главниот причинител е инфекцијата со Хуман папилома вирус (ХПВ) кој се пренесува по сексуален пат. Иако повеќето ХПВ инфекции се безопасни и спонтано исчезнуваат, некои типови на вирусот можат да доведат до појава на преканцерозни промени или рак. Покрај ХПВ, како најчест предизвикувач, други фактори кои го зголемуваат ризикот за развој на ова заболување се и ран почеток на сексуални односи, повеќе сексуални партнери, слаб имунолошки систем и пушењето.
На крајот на 2024, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски кажа дека матичните гинеколози бараат промени на превентивните мерки, меѓу кои и ПАП тестирањето да се замени со ХПВ тест.
Во февруари 2023 , проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, рече дека ХПВ тестирањето треба да се воведе како примарен скрининг, оти има точност од 99, 99 отсто. Со упат од матичен гинеколог, ХПВ тестот на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) чини 700 денари, а во приватните лаборатории над 3.000 денари.
„Во разговори сме со Здружението на приватни лекари, здруженијата на стоматолози и на гинеколози, разговараме за дестимулативните мерки, за казнената политика, за капитацијата и за превентивните методи. Во сите тие делови има измена, имаме начелна цел договорена, тоа ќе биде повеќе од пристојно зголемување. Конечната бројка ќе биде во пакет соопштена. Преговорите со матичните лекари, генерално со примарното здравство, ни беа таргет да ги завршиме до Нова година, меѓутоа заради превентивните мерки ќе останат за после Нова година. Зголемувањето на капитацијата веќе не е спорно и е буџетирано, имаме разлики околу делот за превентивните мерки, што сè ќе се опфати во делот кај превентивните мерки. Тие бараат некои стари превентивни мерки да се укинат, да се воведат нови, а новите предизвикуваат нови финансиски трошоци и мораме да се усогласиме. Сето тоа бара малку повеќе време, но разговорите продолжуваат и верувам до крајот на јануари ќе ги презентираме сите промени“, рече Клековски на 28 декември.
- МАТИЧНИТЕ ГИНЕКОЛОЗИ БАРААТ ОД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ПАП ТЕСТОТ ДА СЕ ЗАМЕНИ СО ХПВ, ОТИ ИМА ПОГОЛЕМА ТОЧНОСТ ВО УТВРДУВАЊЕ РАК НА ГРЛО НА МАТКА
- ГОДИШНО СЕ ПРОПУШТА РАНО ОТКРИВАЊЕ РАК КАЈ ИЛЈАДНИЦИ ЖЕНИ ЗАШТО НЕМА СЕРИОЗЕН СКРИНИНГ, ВЕЛАТ НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Б НЕСТОРОСКА