Имаме претседател кој загина во авионска несреќа и Владата мора да размислува како да се намалат вакви ризици, рече портпаролката на Владата Марија Митева по најавите за купување нов владин авион. Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски неколку пати по стапувањето на функцијата изјави дека е потребно да се набави нов владин авион бидејќи „лирџет 60“ е стар и постојано се расипува.
„Зборуваме за нешто што значи одговорност кон државниот имот, но и одговорност којашто не е лична или индивидуална, туку е за потребите и намената на државата. Неспорен е фактот дека имаме еден претседател којшто има загинато во авионска несреќа, неспорен е фактот дека имаме еден претседател врз кој е извршен обид за атенат и неспорен е фактот дека секоја држава треба да размислува како да ги намали овие ризици. Мораме да размислуваме за интересите на државата со разумност и одговорност, а не со политика“, рече Митева одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата за одлуките на вчерашната владина седница.
- ДРЖАВНИОТ АВИОН СЕ РАСИПАЛ НА 3 ДЕКЕМВРИ СО ГАШИ ВО ШВЕДСКА, ВЛАДАТА СМЕТА ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ КУПИ НОВ
-
Владиниот „лирџет 60“ често има дефекти. Произведен е во 2004 во Вичита, Канзас, во фабриката на „Бомбардиер аероспејс“ и е во сообраќај од јануари 2005 година. Kупен e во време на Владата на Владимир Бучковски. Според перформансите тој е бизнис авион со долет на средни линии, односно од Скопје и Охрид може да лета низ Европа и до Блискиот исток, но не и на прекуокеански летови.
Во декември лани претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не отиде во Париз на отварањето на реновираната катедрала Нотр Дам оти беше расипан владиниот авион. Авиончето се расипа на 3 декември кога со него патувал претседателот на Собранието Африм Гаши во Стокхолм, Шведска. За време на подготовката на авионот за лет кон Скопје и редовните активности и проверки на аеродромот во Стокхолм утврдена била неисправност на едниот од двата инструменти кои покажуваат температура на издувните гасови од моторите.
Тогаш директорот на СОЗР Томовски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека потребно е да се набави нов авион бидејќи се трошат многу пари на поправки, а дел од резервните делови не се произведуваат веќе.
„Од 2017 до сега сме потрошиле околу 3,5 милиони евра за поправки. Сметам дека треба да се купи нов авион и за тоа сум спремен да дискутираме во Собранието и да има консензус од сите политички партии. Сум разговарал со поранешните директори на Службата и сите сметаат дека ваква набавка е неопходна. Авионот покрај тоа што е стар, е и мал. Има место само за шест патници, што значи дека често не ја собира ни цела делегација, па придружбата на високите државници мора да оди со комерцијални летови, што е ем неефикасно, ем често пати и поскапо. Нам ни треба бизнис авион кој има најмалку 15 седишта“, ни изјави Томовски на 8 декември лани.
А. АНТЕВСКА