Светски лидери и преживеани заедно палеа свеќи на денешната церемонија на одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, што се одржа на местото на некогашниот нацистички логор на смртта во Полска.
Меѓу оние кои пристигнаа беше 86-годишната Това Фридман, која имала само шест години кога советските трупи ослободиле околу 7.000 луѓе од Аушвиц на 27 јануари 1945. Фридман, која допатува од Њу Џерси, верува дека ова е можеби последниот собир на оние кои ги преживеале ужасите на логорот.
„Светот стана токсичен. Повторно сме во криза, има премногу омраза и недоверба наоколу. Ако не запреме, ќе биде уште полошо и полошо и ќе има ново ужасно уништување“, кажа Фридман.
Тешко е прецизно да се утврди колку луѓе биле убиени во Аушвиц. Академските истражувања заклучиле дека во логорот биле доведени 1,3 милиони луѓе, од кои 1,1 милион биле убиени. Најголем дел од жртвите биле Евреи доведени од сите страни на Европа, но тука биле убивани и полски цивили, советски воени заробеници, Роми, хомосексуалци, политички затвореници и други.
Педесетина преживеани присуствуваа на денешната целодневна церемонија, се присетуваа и опоменуваа. Од светските лидери дојдоа кралот Чарлс, Емануел Макрон, Володимир Зеленски, Олаф Шолц, полскиот претседател Анджеј Дуда, кралот и кралицата на Холандија, Вилем-Александер и Максима и шпанските монарси Фелипе Шести и Летиција, но од нив беше побарано да не држат говори. Владимир Путин не беше добредојден.
„Што славиме денеска? Славиме ослободување. Но, кога кампот беше ослободен, беа ослободени само 5-10% од затворениците. Кога заврши војната, слоганот беше ‘никогаш повторно‘. Сега гледаме како некои предвидуваат дека ова би можело да се повтори зашто луѓето станаа многу нечовечни“, кажа 94-годишната Јанина Ивањска, која го преживеала логорот.
Леон Вајнтрауб (99) изјави дека Аушвиц симболизира невидена суровост, каде што за првпат биле воведени техники на масовно и индустриско убивање. Тој укажа на поделбите ширум светот денес и ги повика сите луѓе со добра волја, особено младите, да бидат чувствителни на сите изрази на нетолеранција и огорченост кон луѓето кои се различни.