ВМРО-ДПМНЕ ја ставила под хипотека партиската зграда за да земе кредит од три милиони евра од Комерцијална банка неколку дена пред изборите на 11 декември, објави „Призма“.
Како што пишува во Службен весник, партијата зела „рамковен риволвинг кредит“, што значи дека не морала да ги подигнe сите три милиони евра одеднаш.
Освен својот дел од палатата „Христо Татарчев“, ВМРО-ДПМНЕ во банката заложила и подвижен имот и опрема.
„Призма“ се обратила и до партијата и прашале за што им требаат парите, колку години ќе го враќаат кредитот и дали под хипотека го ставиле целото седиште, a од таму рекле дека ќе одговорат во наредните неколку дена.
Зградата во период од 2013 до 2015 година ја изгради скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, врз земјиштето во центарот на Скопје што е сопственост на партијата и каде што се наоѓаше нивното седиште, т.н. „жолта куќа“.