Повеќе од 240 основни и средни училишта во државава утрово на своите електронски пошти добиле дојави за подметнати бомби во објектите. Полицијата веднаш реагирала, разговарале со директорите, извршиле проверка на објектите и е констатирано дека сите дојави за подметнати експлозивни направи биле лажни. Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев вели дека сите дојави биле лажни, дека безбедноста во државата е стабилна и дека нема потреба од паника кај граѓаните.
„Имавме повеќе од 240 дојави за подметнати бомби. Од македонската полиција реагираа совесно, брзо и сталожено без да се крева паника. Пристапија во училиштата, разговараа со директорите на училиштата и извршија проверки таму кај што требаше да извршат проверки. Знаете дека имаме соодветен протокол и алгоритам по којшто ние постапуваме по вакви дојави. Таму каде што параметрите беа позитивни, односно во зелена зона, наставата продолжи и тоа многу брзо. Таму каде што имаше одредени параметри во други зони се извршија дополнителни антитерористички проверки и секаде се констатира дека се работи за лажни дојави. Безбедноста е стабилна, нема потреба за паника кај граѓаните. Сите родители и сите наставници во училиштата треба да бидат спокојни бидејќи се работи за лажни дојави за бомби“, изјави директорот на Бирото кој денеска беше во Тетово каде се одржаа едукативни активности за граѓаните на тема превенција од криминалот во државата и грижа за заедницата.
Јанев вели дека МВР е во контакт со Европол, Интерпол, како и со полицијата од Хрватска и Унгарија, каде деновиве исто така имало дојави за подметнати бомби во училиштата. Имало и некои сознанија за сторителите но засега не даде подетални информации.
„Закани имало и ќе има, а од каде доаѓаат засега не би сакал да споделувам информации бидејќи би можело да наштети на истрагата, меѓутоа очигледно е дека некој пред сѐ имал намера да предизвика одредена паника кај граѓаните“, додава Јанев.
Денеска прес-конференција имаше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која потврди дека проверките на Министерството за внатрешни работи покажале дека дојавите за бомби, што утринава стигна во голем број училишта во државава се лажни, а учениците се вратени на настава.
„Сите дојави се лажни и учениците се вратени на настава. Жалам што некој вака си поигрува со децата“, изјави Јаневска.
Таа исто така кажа дека откако стигнале дојавите за бомби, во МОН е формирана меѓуресорска група за која има за цел поефикасно да се справува со ситуацијата. Јаневска исто така ги повика раководствата на училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси што ги имаат креирано од МОН и дојавите да ги пријавуваат во МВР, а потоа да ги следат протоколите на полицијата.
- ВРАБОТЕНИТЕ ВО ШКОЛИТЕ ДА КОМУНИЦИРААТ САМО ПРЕКУ СЛУЖБЕНА Е-ПОШТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА ПО ЛАЖНИТЕ ДОЈАВИ ЗА БОМБИ
- ДОЈАВА ЗА БОМБИ ВО ШКОЛИ ВО СКОПЈЕ, КОЧАНИ, ШТИП И ТЕТОВО, УЧЕНИЦИТЕ СЕ ЕВАКУИРАНИ
З. АНДОНОВ