Фридрих Мерц, претседателот на Демохристијанскиот сојуз (ЦДУ), треба да биде новиот германски канцелар. Неговиот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ освои нешто повеќе од 28% гласови на вчерашните парламентарни избори и ова претставува голем политички камбек за Мерц, кој повторно стана пратеник дури во 2021, по 12 години пауза.
Со 69 години, Мерц ќе биде најстариот канцелар од Конрад Аденауер, кој дојде на функцијата како 73-годишник во 1949.
И Мерц и актуелниот канцелар Олаф Шолц се школувани адвокати, но тука завршуваат сличностите помеѓу нив, и физички и карактерно. Склон кон преземање политички ризици, Мерц е различен политичар и од Ангела Меркел и ова особено дојде до израз минатиот месец, кога се обиде да протурка законски промени за имиграцијата во парламентот, и тоа со помош на крајната десница.
Мерц се сметаше за ривал на Меркел во почетокот на 2000-тите. Тој сакаше да се наметне како кандидат на ЦДУ за канцелар за изборите во 2002, но партијата се реши за Едмунд Штојбер, кој потоа изгуби од социјалдемократот Герхард Шредер. Мерц потоа се повлече од политиката, а во 2009 веќе не беше кандидат ни за пратеник.
Мерц, кој на 33 години станал европратеник, напредуваше во приватниот сектор по излегувањето од политиката и од 2005 до 2021 беше дел од меѓународна правна фирма. Кога Меркел објави дека ја напушта политиката во 2021, Мерц се врати и следната година беше избран за нов лидер на ЦДУ.
Мерц секогаш се залагал за нуклеарната енергија, полиберална економска политика и за намалување на бирократијата, а во минатото често ја критикувал германската мигрантска политика и се жалел на недостиг на интеграција во земјата.
„Во Германија има луѓе кои всушност немаат работа, ги толерираме долго време, не ги враќаме назад и не ги депортираме, а потоа се чудиме што има ексцеси“, кажа Мерц во јануари 2023.
По победата на изборите, Мерц кажа дека неговиот апсолутен приоритет ќе биде да се зајакне Европа за да може да постигне вистинска независност од САД. Ја доведе во прашање иднината на НАТО и побара Европа брзо да изгради своја сопствена одбрана. Истовремено порача дека Европа цврсто останува на страната на Украина.
„Сега, повеќе од кога било, мора да ја ставиме Украина во силна позиција. Нападнатата земја мора да биде дел од мировни разговори“, кажа Мерц.