ЛИМУЗИНАТА „ШКОДА СУПЕРБ Б9 СЕЛЕКШН“ ОД 55.206 ЕВРА НА ОПШТИНА БИТОЛА Е МЕЃУ ТРИТЕ НАЈСКАПИ ВОЗИЛА НАБАВЕНИ ОД ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ПОСЛЕДНИВЕ ДВЕ ГОДИНИ

    ЛИМУЗИНАТА „ШКОДА СУПЕРБ Б9 СЕЛЕКШН“ ОД 55.206 ЕВРА НА ОПШТИНА БИТОЛА Е МЕЃУ ТРИТЕ НАЈСКАПИ ВОЗИЛА НАБАВЕНИ ОД ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ПОСЛЕДНИВЕ ДВЕ ГОДИНИЛимузината на Општина Битола чини 55.206 евра, поскапи од неа се само возилата на Општина Шуто Оризари од 55.393 евра и на Државна видеолотарија од 55.315 евра. (Фото: СДК.МК)

    Лимузината „шкода суперб Б9 селекшн“ од најнов модел промовиран лани, што преку оперативен лизинг ја набави Општина Битола, е трето по ред најскапо патничко возило од оние што во изминатите две години ги набавиле државните и локалните институции во Македонија, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Лимузината чини 55.206 евра, поскапи од неа се само возилата на Општина Шуто Оризари од 55.393 евра и на Државна видеолотарија од 55.315 евра.

    САКАМДАКАЖАМ.МК уште во лани септември објави дека Општина Битола по пат на оперативен лизинг ќе набави пет нови возила за кои во следните четири години ќе плати 9.900.000 денари (oколу 160.000 евра) или околу 3.000 евра месечно, а потоа ќе ѝ ги врати колите на компанијата „Порше лизинг ДООЕЛ Скопје“ од која ги набавила. За лимузината „шкода суперб Б9 селекшн“ Општината месечно, четири години ќе плаќа по 974,69 евра, а по истекот на четиригодишниот договор ќе ѝ ја врати на фирмата.

    Според истражувањето на ЦГК, за две години, државните институции купиле 269 нови возила за 8,5 милиони евра, од кои дел се на лизинг. Најмногу возила, 90, институциите набавиле од марката „шкода“ односно една третина, а најзастапен модел е „суперб“ со 56 од набавените. Кај 70 % од овие набавки на јавните повици имало само по една понуда. Кога станува збор за фирмите коишто ги добивале овие тендери, 78 % од 8,5 милиони евра одат само кај три фирми. Меѓу нив, најголема вкупна вредност на склучените договори за јавна набавка на возила имаат две фирми. И двете оствариле по околу 2,8 милиони евра вкупна вредност на договорите за анализираните две години. Станува збор за „Порше лизинг“ со 2.853.911 евра и „Аутомотив груп“ со 2.744.380 евра. Трета, со 1.062.920 евра е „Еуроимпекс“.

    Од Општина Битола ни одговорија дека ѝсе потребни возила зашто возниот парк ѝ е застарен, а поголем дел од возилата се веќе расходувани. Во изминатите 4 години се соочила со голем број проблеми, чести поправки, сервисирања, зголемени трошоци, а многу често и покрај навремената интервенција, се случувало возилата да бидат вратени во Битола со шлеп служба. Ова ја отежнува работата на општинската администрација, а загрозена е и безбедноста на вработените.

    На нашето прашање дали зделката е економски оправдана, од локалната власт ни рекоа дека ги разгледале искуствата на другите институции кои имаат набавено возила по пат на оперативен лизинг, како Владата, Државна комисија за жалби по јавни набавки, Служба за општи и заеднички работи, Државна видеолотарија, што за нив говори за економска исплатливост.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира