ГОДИНАВА ЌЕ СЕ КОНЗЕРВИРА ЅИДНОТО СЛИКАРСТВО НА ФАСАДАТА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО, А ЗА НЕГОВА ЗАШТИТА ЌЕ СЕ ПОСТАВИ И НАСТРЕШНИЦА

    ГОДИНАВА ЌЕ СЕ КОНЗЕРВИРА ЅИДНОТО СЛИКАРСТВО НА ФАСАДАТА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО, А ЗА НЕГОВА ЗАШТИТА ЌЕ СЕ ПОСТАВИ И НАСТРЕШНИЦАОткако ќе се донесе електрична енергија до објектот и се обезбеди стручно лице, црквата секојдневно би била отворена. (Фото: СДК.МК)

    По заштитата на ѕидното сликарство од внатрешниот дел на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, годинава Завод и музеј од Битола ќе продолжи со реставрација и конзервација на фасадното ѕидно сликарство од надворешниот дел од објектот. Воедно, ќе се врши и конзервација и реставрација во втора фаза на архитектурата на црквата со заштитни тремови и настрешница. Ова се дел од 40-те одобрени проекти на битолскиот Завод кои преку Годишната програма Министерството за култура ќе ги финансира со 10 милиони денари (над 160.000 евра).

    Директорот на Завод и музеј – Битола, Зоран Николовски, очекува црквата да се отвори за посетители откако местото ќе биде електрифицирано и ќе се ангажира лице кое таму ќе може да ги информира туристите за ова културно наследство. Тоа би било кон средината или почетокот на втората половина од годинава.

    „Во постојана комуникација сум со градоначалникот на Општина Ресен од каде треба да се донесе електрификација до црквата, тоа е работа на Општина Ресен и да се ангажира едно лице кое ќе биде како домар во таа црква и задолжително да биде стручен. Или археолог или историчар на уметност, за да може на туристите кои доаѓаат, а годинава имаме голема најава за посета, да им се објасни за неа. Како вонпрограмска активност од наша страна ќе се изработи и пропаганден материјал кој ќе им се дава на посетителите“, рече Николовски.

    Откако ќе се донесе електрична енергија до објектот и се обезбеди стручно лице, црквата секојдневно би била отворена. Дотогаш инцидентно ќе се отвора на барањето на туристите кои сакаат да ја посетат.

    Црквата во Курбиново од 1191 година, е еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот. Овој црковен бисер е познат и како македонската Мона Лиза, поради живописот со особените сликарски остварувања и е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12. век.

    Меѓу 40-те проекти прифатени од Министерството за култура, позначајни се завршување на конзерваторските работи во молитвениот дел на Јени Џамија, тригодишен проект со што би се завршила целокупната реконструкција на објектот која заедно со археолошките ископини трае повеќе од 12 години. Понатаму, заштита и дигитализација на фондот на фотографот Михајло Зега, 100 години од раѓањето на композиторот Кирил Македонски, археолошки истражувања Кале Битола, осовременување на постојаната музејска поставка, осовременување на сувенирницата, реставрација и конзерваторски зафати на црквите „Св. Преображение“ во Гопеш, „Св. Димитрија“ во Градешница, Мариово, и на Керим бегов амам во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира