Легендарниот хрватски рокер со македонско потекло, Аки Рахимовски, сношти во Метрополис Арената во Скопје ја доби наградата за трајни музички вредности на манифестацијата Златна Бубамара на популарноста.
Најголемите хитови на Парни Ваљак, чиј фронтмен е веќе 42 години, ги испеа заедно со академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје. Аки го замени диригентот Томислав Шопов и создаде уште еден хор покрај оној на сцената, публиката. Аки како главен вокал, хорот зад него и публиката пред него заедно испејаа три големи хита на Парни Ваљак. Публиката најмногу го следеше во познатата „Јесен у мени“, која Аки во 2003 година во Универзалната сала на истата манифестација ја испеа во дует со Тоше Проески. Засилување на Аки на сцената му беше и познатиот тапанар Гаро Тавитјан.
Награда за трајни музички вредности доби и фолк-пејачката Росана Сариќ-Тодоровска. Наградата и ја предаде поп-пејачката Тамара Тодевска. Тамара, Росана, сестрите Лидија и Тања Кочовски и младата пејачка Антонија Гиговска ја изведоа „Љубов“. Со таа песна, Тамара како седумгодишно девојче прв пат настапи јавно, во дует со сестрите близначки Маријана и Росана и композиторот и поранешен сопруг на Маријана, Тоде Новачевски, на фестивалот и Макфест во 1991 година. На задоволство на публиката, женската петорка предводена од Росана ја испеа и познатата „Признавам“.
Златна Бубамара на популарноста го прослави 20. годишниот јубилеј. Награди добија и Тамара Тодевска, групата Љубојна, Даниел Кајмакоски, трубачот Џамбо Агушев, кој оваа недела ќе има настап на „Би-Би-Си“. Низ актуелни скечеви инспирирани од домашното секојдневие, шоуто го водеше актерот Сашко Коцев.