Француската балерина со македонско потекло Роксан Стојанов, која во декември беше прогласена за Ѕвезда на Париската Опера е добитничка на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2025, соопшти Танц фест Скопје.
Наградата на 29-годишната Стојанов ќе ѝбиде врачена на 29 април, на свеченото отворање на годинашното 21. издание на Танц фест Скопје.
„Благодарение на извонредниот талент и уметничката визија, Роксан Стојанов се издига високо во балетската уметност, за што е промовирана во Ѕвезда на Париската Опера (Étoile de l’Opéra National de Paris), како една од извонредните балерини кои блескаат на балетското ѕвездено небо. Како уметник, Роксан Стојанов пишува историја во епицентарот на балетската уметност, исклучителниот балетски ансамбл на Националната опера во Париз, Франција, но и во нејзината втора татковина, С. Македонија, каде остава ѕвездена трага во балетската историја“, стои во одлуката на Бордот на фестивалот.
Стојанов, која е родена во градот Жер, на југот на Франција, по татко е Македонка, а по мајка Французинка. Нејзините родители се преселиле во Македонија кога имала 8 години и ја запишале во балетско училиште. Првата улога ја имала на 9-годишна возраст, како Ѕвончица во претставата „Петар Пан“.
Балетското образование го продолжува во Брисел, во 2007 се приклучува на Школата за танц на Париската опера, а во 2013 станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција. Низ годините, нејзиниот талент и посветеност биле препознаени преку бројни признанија, во периодот од 2015 до 2022 година, Стојанов напредува во хиерархијата на операта и во 2022 станува првенка на балетот. На 28 декември 2024 по нејзината извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, таа беше прогласена за Ѕвезда на Париската Опера – највисокото звање во хиерархијата на Париската Опера. Нејзината кариера опфаќа богат репертоар, вклучувајќи улоги во класични балети како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи дела на реномирани кореографи.