Додека вниманието на Европа е свртено кон Украина, Велика Британија предупреди дека Русија би можела да ги искористи моменталните тензии на Западен Балкан за да го зајакне своето влијание во регионот, кој долго време чека на влез во ЕУ. Високи британски функционери го опишаа Западен Балкан како „другата жешка точка“ и Лондон сега притиска за прием на сите шест држави од регионот во ЕУ за да се оттргнат од руското влијание.
„Во овој момент, со војната во Европа и гледајќи ја долгата рака на руското мешање, би биле будала ако го тргнете погледот од Западен Балкан, каде што сè уште има наследени прашања што допрва треба да се надминат. Интересот на Путин е да го одржи регионот дестабилизиран. Во негов интерес е да ги држи во неизвесност земјите кои го сочинуваат Западен Балкан, да има дестабилизирано население и да води сајбер и хибридна војна“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами за „Политико“ по посетата на Србија и Косово минатата недела.
Сите шест држави од Западен Балкан сакаат да станат членки на ЕУ, но процесот се одвива премногу бавно. Тие се соочуваат со значајни предизвици, како дома, така и со соседите. Босна и Херцеговина е доведена во криза бидејќи Милорад Додик избегнува апсење поради неговата сепаратистичка политика. Србија се соочува со повеќемесечни антивладини протести и го обвинува Косово за репресија на тамошното српско малцинство, додека Косово ја обвинува Србија за насилство на нејзината територија.
Експертите за надворешна политика стравуваат дека Кремљ ќе се обиде да ги искористи длабоките етнички и религиозни тензии за да предизвика дополнителни немири низ Балканот и да ги зацврсти сопствените интереси.
„Во моментов Западен Балкан мора да се движи напред или ќе продолжи да биде игралиште на Русија“, рече еден британски функционер.