„Прада“ склучи договор од 1,25 милијарди евра за купување на помалиот конкурент „Версаче“ од „Капри холдингс“, вклучувајќи го и нејзиниот долг, во потег што обединува две од најголемите имиња на италијанската мода. „Прада“ се обидува да се прошири, пркосејќи му на забавувањето на побарувачката за луксуз, додека „Версаче“ работеше со загуба во последните неколку квартали. Спојувањето ја зајакнува раката на Италија во луксузната индустрија предводена од француски конгломерати, а најголем е сопственикот на „Луј Витон ЛМВ“.
Договорот следи по објавата на 13 март дека Донатела Версаче се повлекува од функцијата главен креативен директор на брендот основан од нејзиниот покоен брат Џани.
„Наша цел е да го продолжиме наследството на ‘Версаче’, славејќи и реинтерпретирајќи ја таа смела и безвременска естетика“, рече претседателот на „Прада“, Патрицио Бертели. „Истовремено, ќе ѝ обезбедиме силна платформа, засилена со години на тековни инвестиции и вкоренети во долгогодишни врски“, додаде Бертели, сопруг на дизајнерката на „Прада“, Миуча Прада. Двојката е водечки акционер во компанијата.
„Прада“ рече дека вклучувањето на „високо препознатливата естетика на ‘Версаче’… претставува силно комплементарен додаток“ на нејзиното портфолио, кое ги вклучува модните брендови „Прада“ и „Миу Миу“, и додаде дека миланската куќа „Версаче“ нуди „значаен неискористен потенцијал за раст“.
Донатела Версаче, чие семејство го продаде бизнисот пред седум години, го пофали новото партнерство.
„Џани и јас отсекогаш сме се восхитувале на Миуча, Патрицио и нивното семејство“, рече таа. „Чест ми е што брендот е во рацете на толку доверлив италијански семеен бизнис и подготвена сум да ја поддржам оваа нова ера за брендот на кој било начин“, додаде таа.
Цената што „Прада“ се согласи да ја плати е помала од околу 2,15 милијарди долари што американската„Капри“, дотогаш позната како сопственик на „Мајкл Корс“ и „Џими Чу“, го плати за „Версаче“ во 2018, кога беше продадена од семејствата Версаче и Блекстоун.
„Версаче“ е основана во 1978 од покојниот Џани Версаче. Минатиот месец, „Капри холдингс“ го именуваше Дарио Витале за креативен директор за да ја замени Донатела Версаче, која ја презеде улогата по убиството на нејзиниот брат во 1997. Витале дојде од „Миу Миу“, неверојатно успешниот младешки бренд во Групацијата „Прада“.