ТКААМ МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ НОСИИ СО ВОЛНА ОД СРБИЈА, ЗАШТО НАШИТЕ ОВЧАРИ НЕ ЈА ДАВААТ, ВЕЛИ 23-ГОДИШНИОТ ДАМЈАН РИСТОВСКИ ОД СКОПЈЕ

    ТКААМ МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ НОСИИ СО ВОЛНА ОД СРБИЈА, ЗАШТО НАШИТЕ ОВЧАРИ НЕ ЈА ДАВААТ, ВЕЛИ 23-ГОДИШНИОТ ДАМЈАН РИСТОВСКИ ОД СКОПЈЕНа два разбои, еден постар од 1970-тите и еден понов, 23-годишниот Дамјан Ристовски од Скопје ткае македонски народни носии во неговиот дуќан во центарот на градот (Фото: К. Попов)

    На два разбои, еден постар од 1970-тите и еден понов, 23-годишниот Дамјан Ристовски од Скопје ткае македонски народни носии во неговиот дуќан во центарот на градот, „Народни носии“, во кој работи заедно со неговата пријателка Сара Јакимовска. Стариот разбој кој привлекува најмногу внимание е поставен на излогот.

    Носиите ги откупуваат најмногу фолклорните ансамбли, но и туристи од странство и луѓе кои сакаат да имаат носија од својот крај. За стариот разбој, вели дека го откупил од жена од Трубарево, од каде што потекнува за една вреќа брашно.

    „Кога го видов разбојот, ја замолив сосетката да ѝ го откупам. Ми рече дека не може да ми го подари, а не сака да ми земе многу пари и се договоривме да ѝ платам колку што чини една вреќа брашно, 600 денари“, ни рече Ристевски додека ни покажуваше како се ткае на новиот разбој кој го купил од Србија.

    Ткаенините и материјалите, тој ги набавува од Македонија и од Србија, некои од Турција. За волната, вели дека му е жал што ја купува од Србија, кога полесно би можел да ја набави од Македонија.

    „Чудно е, имаме овци, но излегува дека немаме волна. Бев на Шар Планина и разговарав со овчари кои ја фрлаат волната откако ги стрижат овците. Ги замолив да им ја купам волната или да ми ја дадат кога веќе ја фрлаат, ми рекоа дека не сакаат да ми ја дадат, па купувам од Србија“, вели Ристовски.

    Тој е студент на Природно математичкиот во Скопје на оделот за Етнологија и антропологија. Има завршено средно музичко училиште, на Насоката за традиционална музика и игра, но вели дека повеќе го влече народното творештво како изработка.

    „Изработуваме делови од носии најчесто за фолклорните ансамбли но исто така изработуваме и за поединци кои сакаат да си имаат носија од својот крај или да ја докомплетираат, но исто така имаме и алки од монистра, колани, марами, и други делови кои луѓето ги купуваат најчесто за подарок“, додава Ристовски кој е при крај со студиите.

    Во продавницата има носии од сите краеви на Македонија (Фото: К. Попов)

    Со насмевка, тој се сеќава дека од трето одделние, кога одел на игрорна му се родила љубовта за народната носија. Кога бил деветто одделение, од една снимка која ја гледал на „Јутјуб“  ја добил најголемата желба за ткаење.

    „Така почнав да учам од мојата баба Благица која се потруди да ми ги објасни сите делови од разбојот и сите елементи за подготовката за ткаење. Сега, Сара и го отворивме овој дуќан и на двата разбои ги ткаеме и ги изработуваме: појасите, скутините, торбите и другите детали.  Сѐ што работиме е на рака од сновањето на конците до воведување во нити и брдо, па врзување на предно кросно и почеток на ткаењето. Откако ќе се исткае се шие и се довршува на рака со конец и игла за да се добие готов производ“, вели Дамјан Ристовски. Нарачки, тој и неговата партнерка која е студент на Медицинскиот факултет на отсекот за Физиотерапевт, вели дека имаат во изобилие.

    Стариот разбој кој Дамјан Ристовски го купил од сосетката од Трубарево за како што вели „една вреќа брашно“ е на излогот од дуќанот (Фото: К. Попов)

    Во моментов, имаат нарачки до октомври, и во овој период е невозможно да стасаат да изработат повеќе, па во наредниве месеци нема да примаат повеќе нарачки. Уште отсега, тој со мерак ги подготвува женските носии за дебарското село Битуше за празникот Водици следната година, а прави и машки народни носии за Галичката свадба во јули.

    Најзабвна анегдота за него е кога една повозрасна жена влегла во продавницата. Во тој момент, тој бил на разбој, а неговата мајка седела до него. Жената со лут тон ѝ рекла на мајка му: „Како можете вие да седите, а го мачите детето да ткае“.

    М. ЏАРОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира