Владата на Доналд Трамп објави дека замрзнува федерални средства од над две милијарди долари за Универзитетот Харвард откако оттаму ги одбиле барањата на Белата куќа.
„Денешната објава на Харвард само го зајакнува вкоренетото чувство на привилегираност што е својствено за најпрестижните универзитети и колеџи во земјата“, објави министерството за образование.
Белата куќа испрати листа на барања до Харвард минатата недела, чија цел е борба против антисемитизмот во кампусот. Тие вклучуваат промени во управувањето, праксите на вработување и процедурите на запишување. Харвард ги одби барањата вчера и ја обвини Белата куќа дека се обидува да го стави под своја контрола.
Харвард е првиот голем универзитет во САД кој се спротивстави на владиниот притисок за промена на неговите политики. Барањата на Белата куќа би довеле до промена на начинот на функционирањето на Харвард и до поголема владина контрола.
„Белата куќа ни испрати ажурирана и проширена листа на барања во петокот, заедно со предупредување дека универзитетот мора да се усогласи за да ги одржи своите финансиски односи со владата. Ја известивме владата дека нема да го прифатиме нејзиниот предлог-договор. Универзитетот нема да ја предаде својата независност или да се откаже од своите уставни права и смета дека владата претерала во своите барања“, кажа претседателот на Харвард, Алан Гарбер.
Набргу откако писмото било испратено, владата објави дека замрзнува грантови за Харвард од 2,2 милијарди долари и договори од 60 милиони долари.
„Нарушувањето на учењето што ги погоди кампусите во последниве години е неприфатливо. Малтретирањето на еврејските студенти е неподносливо. Време е елитните универзитети сериозно да го сфатат проблемот и да се посветат на значајни промени доколку сакаат да продолжат да добиваат поддршка од даночните обврзници“, објави министерството за образование.
Белата куќа претходно повлече федерални средства од 400 милиони долари за Универзитетот Колумбија и го обвини дека не се бори против антисемитизмот и не ги заштити еврејските студенти во својот кампус.