Покрај постројки за третман на ѓубрето, регионалната депонија во Новаци ќе има и место за перење на гумите на камионите кои ќе го транспортираат сметот од 18 општини во стариот коп на РЕК. Тие ќе мора со чисти гуми да излегуваат од депонијата за да нема дополнително загадување, беше кажано на денешната јавна расправа за изградба на центар за управување со отпад од Пелагонискиот и Југозападниот Регион што се одржа во Новаци. Пред присутните, експерти и претставници од Министерството за животна средина го презентираа проектот, а атмосферата беше тензична.
Граѓаните кои се против регионалната депонија проектот го нарекоа научна фантастика и кажаа дека расправата е задоцнета.
„Во најголемата житница во државата решивте депонија да правите“, извикуваа тие, држејќи транспаренти и упаѓајќи во говорите со прашања и забелешки.
„Дупката во РЕК што сакаат да ја полнат со ѓубре зашто така им е поевтино е поврзана со подземна вода и во цела Пелагонија ќе се загади водата. Треба да се модернизираат постоечките депонии, 90 проценти од отпадот во нив да се рециклира, а остатокот да се спалува без согорени гасови“, рече Никола Танчевски од Битола.
Градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, на чија иницијатива беше расправата, рече дека се направени анализи и со оглед на тоа дека во коповите има деградирано земјиште со добри потпочвени слоеви, констатирано е дека најсоодветно место за депонијата се коповите на РЕК.
Ана Лашковска, заменичка-министерка за животна средина, рече дека е разбирлива грижата на граѓаните, но мора да се најде решение за соодветен третман на отпадот.
„Локацијата е на 17 километри од Битола и на пет километри од првата куќа на Новаци. Мора да почнеме со примарна селекција и поради тоа, Министерството веќе обезбеди канти за ѓубре и контејнери, во втората фаза ќе се снабдат јавните претпријатија со камиони, а со контејнери и канти ќе треба да биде покриено секое семејство. Во три општини ќе има претоварни станици каде ќе се врши селекцијата и на почетокот очекуваме во депонијата да доаѓаат околу 50 проценти од отпадот“, рече Лашковска.
Андреас Менцис, технички експерт кој го презентираше проектот, рече дека депонијата ќе биде со капацитет од 300 тони смет дневно и со животен век од 5 плус 10 години. Таа ќе има постројки за собирање и третман на отпадните води, за собирање и согорување на депонискиот гас, место за перење на гумите на камионите, ќе биде обложена со непропустлив систем со глина и друга дренажа, систем за управување со исцедокот и друго.
„Никој не може да каже дека управувањето со отпад нема влијание врз животната средина. Но, целта е да се подобри сегашната состојба. Да се затвори Мегленци, која е многу голем извор на загадување на животната средина“, рече Менцис.
Ж. ЗДРАВКОВСКА