Под истрага се сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму давале одобрение кочанската дискотека „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.
Шестмина од осомничените се лишени од слобода, по едно лице се трага, а тројца веќе се наоѓаат во притвор за други дела. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе предложи определување мерки на претпазливост за седуммина од осомничените.
Станува збор П.С. (поранешен помошник началник во СВР Штип), Ј.Т. (поранешен главен инспектор за сообраќајни работи во СВР Штип), С.Д. (поранешен главен инспектор за сообраќај во СВР Штип), М.С. (поранешен началник во СВР Штип), Љ.Т. (поранешен началник во СВР Штип), В.П. (поранешен главен инспектор по сообраќајни работи во СВР Штип), Д.А. (самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип), А.А. (поранешен помошник началник на СВР Штип), В.И. (документарист во полициска станица Кочани во СВР Штип) и А.Т. (поранешен командир на полициска станица Кочани).
Според кривичната пријава, во периодот од декември 2012 до јануари 2022 година, осомничените полициски службеници, меѓу кои и началници, помошници началници, командири и инспектори, потпишувале акти, доставувале мислења и одобрувале известувања со кои се давала согласност за работа на кабарето, иако наводно знаеле или биле должни да знаат дека објектот не ги исполнувал законските услови за заштита од пожари, безбедност во сообраќајот и заштита на јавниот ред и мир.
„Седмопријавениот Д.А. на 21.01.2022 изготвил акт со кој на ДППТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани – кабаре „Пулс“ му издава согласност за вршење на угостителска дејност и истото го доставил до Министерство за економија, спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност. Иако знаел дека во кабаре „Пулс“ имало нарушувања на јавниот ред и мир, не извршил никакви проверки, туку се повикал на одговорот од ОВР Кочани во однос на нарушувањата на јавниот ред и мир, во кој пак не била правилно отсликана вистинската фактичка состојба, по што констатирал дека кабаре „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на јавен ред и мир и сообраќај. Осмопријавениот А.А. и второпријавениот Ј.Т. на 21.01.2022 одобриле и потпишале известување до Министерството за економија, во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај. Деветтопријавениот В.И. на 21.01.2022 изготвил телеграма во која наместо да даде точни и целосни податоци дека во кабаре „Пулс“ и во близина на истото кабаре има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, истиот дал податоци само дека во кабарето, односно во правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани во 2021 година имало едно нарушување на јавниот ред и мир, а истиот иако знаел дека има нарушувања на јавниот ред и мир и пријавени кривични дела во 2019 и 2020 година, не дал никакви податоци за истите. Десеттопријавениот А.Т. иако знаел и бил должен да знае дека има повеќе пријавени нарушувања на јавниот ред и мир во близина на кабаре „Пулс“, истиот вака изготвената телеграма ја контролирал, одобрил и потпишал со своерачен потпис“, се вели во соопштението на МВР
Понатаму се наведува дека осомничените не постапиле според прописите за заштита и не извршиле целосни проверки пред да дадат позитивна согласност, со што му овозможиле на правниот субјект ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да добие лиценца за угостителска дејност од Министерството за економија. Со овие дејствија, како што стои во пријавата, тие предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде се собираат поголем број лица. Како последица на тоа, на 16 март 2025 година во кабарето „Пулс“ избувна пожар во кој загинаа 61 лице.