ТРГОВЦИТЕ ОД ДЕНЕСКА ЌЕ ТРЕБА СЕКОЈ ДЕН ДА ГИ ОБЈАВУВААТ ЦЕНИТЕ НА ПРОИЗВОДИТЕ НА НИВНИТЕ ВЕБ-СТРАНИЦИ

    ТРГОВЦИТЕ ОД ДЕНЕСКА ЌЕ ТРЕБА СЕКОЈ ДЕН ДА ГИ ОБЈАВУВААТ ЦЕНИТЕ НА ПРОИЗВОДИТЕ НА НИВНИТЕ ВЕБ-СТРАНИЦИАжурирањето на цените треба да се врши секој ден до 10 часот, а во случај на ненамерна техничка грешка, трговецот е должен да ја коригира во рок од 24 часа. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од денеска, трговците треба да ги објавуваат цените на производите на нивните официјални веб-страници. Обврската произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи, што беа објавени во Службен весник на 4 март, а Министерството за економија изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките.

    Во Правилникот е наведено дека сите мали, средни и големи трговци кои вршат дејност трговија на мало согласно Националната класификација на дејностите имаат должност дневно да ги објавуваат цените на стоките што ги пласираат на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел посветен на цените (ценовник). Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава.

    Ажурирањето на цените треба да се врши секој ден до 10 часот, а во случај на ненамерна техничка грешка, трговецот е должен да ја коригира во рок од 24 часа. Доколку трговецот нуди промотивни или намалени цени, на веб-страницата треба да бидат означени редовната цена, процентот или износот на намалувањето и времетраењето на промоцијата или попустот.

    Според надлежните, со ваквиот начин на објавување на продажните цени ќе се обезбедат транспарентност, поголема конкурентност и намалување на цените.

    Изземање од ваквата одлука вчера побараа од Здружението на приватни аптеки, според кое аптеките не треба да се третираат како обични трговци.

    „Аптеките не се класични малопродажни објекти, туку здравствени установи на ниво на примарна здравствена заштита, каде работат лиценциран здравствен кадар, магистри по фармација и фармацевтски техничари. Нашата основна улога е да обезбедиме здравствена услуга и фармацевтска грижа за пациентите преку издавање и советување за употреба на лекови, следење терапија и едукација на граѓаните, а не да вршиме трговија во класична смисла“, изјави Билјана Божиновска, членка на Извршниот одбор на Здружението на приватни аптеки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира