Најстариот активен американски астронаут, Дон Петит, се врати на Земјата по 220 дена поминати на Меѓународната вселенска станица (МВС), точно на неговиот 70. роденден.
Вселенската капсула Сојуз МС-26, со Петит и неговите руски колеги Алексеј Овчинин и Иван Вагнер, слета со помош на падобрани во казахстанската степа во неделата наутро во 06:20 часот по локално време.
За време на престојот на МВС, тројцата членови на екипажот ја обиколија Земјата 3.520 пати, соопшти американската вселенска агенција НАСА. Ова беше четврта мисија за Петит, кој сега има вкупно 590 дена поминати во вселената.
Сепак, Петит не е најстарата личност што летала во орбитата. Тој рекорд му припаѓа на Џон Глен, кој на 77-годишна возраст учествуваше во мисија на НАСА во 1998 година. Глен почина во 2016 година.
Петит и двајцата руски космонаути сега ќе поминат одредено време приспособувајќи се на гравитацијата. Потоа, Петит, роден на 20 април 1955 година во Орегон, ќе биде пренесен во Хјустон, Тексас, додека Овчинин и Вагнер ќе заминат во главниот руски центар за вселенска обука во Звjoздни Городок (Ѕвезден Град) во близина на Москва.
Пред да заминат од МВС, екипажот му ја предаде командата на вселенското летало на јапонскиот астронаут Такуја Ониши.