Авион Боинг 737 Макс, кој бил наменет за кинеската авиокомпанија „Шјиамен ерлајнс“, во неделата се вратил во производниот центар на американскиот производител, како последица на трговските тензии и меѓусебните царини воведени меѓу САД и Кина за време на администрацијата на претседателотДоналд Трамп.
Авионот, веќе обоен во боите на „Шјиамен ерлајнс“, слетал на аеродромот Боинг Филд во Сиетл во 18:11 часот по локално време, како што пренесува „Ројтерс“. Леталото, кое поминало пат од околу 8.000 километри со попатни застанувања за гориво во Гуам и Хаваи, бил еден од неколкуте авиони од најпродаваниот модел на Боинг, 737 Макс, кои чекале на финализирање и испорака во центарот на Боинг во Жушан, Кина.
Овој месец, администрацијата на Трамп ги зголеми основните царини за кинески увоз на 145%. Како одмазда, Кина воведе царини од 125% на американски стоки. Според авијациската консултантска куќа ИБА, пазарната вредност на нов Боинг 737 Макс изнесува околу 55 милиони долари, што значи дека преземањето на авионот под вакви царински услови би можело финансиски да ја оптовари кинеската авиокомпанија. Се известува дека Пекинг разгледува начини да им помогне на авиокомпаниите кои изнајмуваат авиони Боинг и се соочуваат со зголемени трошоци.
Минатата недела беше објавено дека кинеската влада побарала од домашните авиокомпании да ги паузираат набавките на опрема и делови за авиони од американски компании како Боинг. Се проценува дека Кина сочинува околу 20% од очекуваната глобална побарувачка на авиони во следните две децении.
Според „Ервејс Маг“, на крајот на март, Боинг имал закажано испорака на 130 авиони за кинески компании, вклучувајќи комерцијални авиокомпании и лизинг фирми.