Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори обемна истражна постапка против 49 лица, откако вчера во координирана акција со Министерството за внатрешни работи беа уапсени 23 осомничени.
Акцијата, која вклучуваше претреси на повеќе локации во Скопје, Велес, Тетово и Гостивар, е резултат на повеќемесечна предистрага за постоење на две организирани криминални групи кои дејствувале со цел незаконски да овозможат стекнување на право на помош и нега од друго лице (туѓа нега) и право на инвалидска пензија преку фалсификувана медицинска документација. Едно лице опфатено со истрагата сè уште не им е достапно на органите на прогонот.
Според Обвинителството, основаното сомнение се однесува на сторени низа кривични дела кои предизвикале штета на државниот буџет.
Главните осомничени се товарат за „Злосторничко здружување“, односно свесно формирање и учество во групи со цел вршење кривични дела за стекнување противправна имотна корист. Членовите на групите, во зависност од нивната улога, се сомничат и за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Примање поткуп“, „Давање поткуп“, „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Давање награда за противзаконито влијание“.
Истрагата открива дека во текот на 2023 година, првоосомничената, поранешна вработена на универзитетска клиника, заедно со уште двајца осомничени, формирала криминална група. Во неа подоцна се вклучиле уште девет лица: двајца лекари специјалисти кои биле поранешен и актуелен претседател на Стручната комисија за издавање наод за туѓа нега во Општата болница Велес, други лекари специјалисти од истата болница и од Клиниката за неврологија во Скопје, лекари од приватни ординации во Велес, адвокат од Велес и службено лице од Центарот за социјална работа во Тетово.
Оваа група функционирала со цел да извлече пари од лица кои аплицирале за социјалното право на помош и нега од друго лице. Тие барале и примале парични средства (поткуп или награда за влијание) од апликантите. За возврат, членовите на групата преземале низа незаконски дејствија:
Осомничените изготвувале, набавувале и употребувале лажна медицинска документација – медицински упати, отпусни писма, медицински извештаи, резултати од контроли, психолошки тестови, конзилијарни мислења, па дури и потврди за медицински помагала – сето тоа со невистинита содржина, често без воопшто барателот физички да бил прегледан.
Групата намерно ги пријавувала апликантите кои платиле поткуп кај матични лекари во Велес. Целта била предметот да биде разгледуван од Стручната комисија при Општата болница Велес, бидејќи токму таму претседатели биле членови на групата, со што си обезбедувале контрола врз одлуката.
Со овие дејствија, тие свесно ги кршеле одредбите од Законот за социјална заштита кои ги утврдуваат условите за добивање туѓа нега и надлежноста на Центрите за социјална работа според местото на живеење на барателот. Тие влијаеле и овозможувале постапките да се водат и одлуките да се носат во корист на барателите надвор од нивното место на живеење.
Во истиот период, вработена на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје, која истовремено била и член на Комисијата за ревизија на наод за утврдување инвалидност при Министерството за социјална политика, заедно со првоосомничената од првата група и уште двајца, формирале втора група. Во оваа група се приклучиле уште 12 лица (тројца од нив биле дел и од првата група).
Оваа група дејствувала континуирано и на идентичен начин како првата, но со цел обезбедување инвалидски пензии. Тие се осомничени дека барале и примале поткуп од апликанти за инвалидска пензија. Преку координирани дејства, обезбедувале лажна медицинска документација и ги исполнувале условите за успешно водење на постапките. Членовите на групата кои биле во релевантните комисии ја користеле својата службена положба и реално влијание за да издејствуваат позитивни одлуки за апликантите кои платиле поткуп.
Според Наредбата за истражна постапка, три матични лекарки се осомничени за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ поради издавање лажни документи, 16-мина се осомничени дека понудиле и дале поткуп за лажна документација и се товарат за „Давање награда за противзаконито влијание“ и „Давање поткуп“. Девет други осомничени кои дале парична награда се товарат за „Давање награда за противзаконито влијание“. Останатите членови на групите, покрај за „Злосторничко здружување“, се сомничат и за комбинација од другите наведени кривични дела (примање/давање поткуп, примање/давање награда за противзаконито влијание, злоупотреба на службена положба) во зависност од нивните конкретни дејствија во шемата.
Осомничените вчера беа изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. Обвинителството предложи мерка притвор за 12 лица, куќен притвор за 3 лица, а за останатите осомничени предложени се мерки на претпазливост.