Претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска попладнево е изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје како осомничена во случајот „Адитив“ и за неа обвинител од ОЈО за организиран криминал и корупција вечерва ќе бара мерки за претпазливост.
Тоа значи дека обвинителот ќе бара да ѝ се одземе не само македонскиот пасош, туку и дипломатскиот пасош кој неа ексклузивно ѝ беше даден од Министерството за надворешни работи. Притвор нема да се бара за неа.
Како е поврзана Димитровска со „Адитив“, не е познато. Обвинителството најавува информации дури за утре.
Во нејзината биографија стои дека таа од 2004 година работи како ревизор во Државниот завод за ревизија, се до нејзиниот избор за член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Покрај Димитровска, во рамките на предметот „Адитив”, од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште две лица.
Акцијата за апсење во предметот „Адитив“ почна лани во ноември. Главен осомничен е поранешниот директор на Васко Ковачевски, кој е во бегство. Беа извршени 77 претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.
„Во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД ‘Пошта на Северна Македонија’, создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273 од Кривичниот законик. Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка“, стои во наредбата за истрагата.
Осомничените управители и газди на фирми, откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на правните субјекти во нивна сопственост, како учесници во постапки (економски оператори) меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј. На начин опишан во диспозитивот на наредбата, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000 кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари.
Потоа, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство од чл.275-в од КЗ, дел од осомничените организатори и дел од осомничените припадници на злосторничкото здружение во периодот од 24.11.2023 до 28.06.2024 година во Битола, Неготино и Скопје пуштиле во оптек, примиле пари, извршиле пренос на паричните средства и подигале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.
За овој предмет за кој се чека обвинение, беа уапсени 22 лица, од кои осуммина се во притвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА