ОДБЕЛЕЖАНА 24-ГОДИШНИНАТА ОД МАСАКРОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ СЕЛО ВЕЈЦЕ

    ОДБЕЛЕЖАНА 24-ГОДИШНИНАТА ОД МАСАКРОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ СЕЛО ВЕЈЦЕОд овој собир уште еднаш беше пратена порака до власта на ова место да изгради достоинствено спомен обележје каде би се чествувал споменот на овие храбри бранители.(Фото: СДК.МК)

    На местото викано „Бреза“ на патот од Тетово кон село Вејце се одбележа 24-годишнината од едeн од најкрвавите и најбруталните настани од времето на конфликтот во 2001 година. На ова место, од заседа, со рачни фрлачи и автоматско оружје, беше нападната патролата на македонските бранители при што осуммина од нив беа убиени, а неколку беа ранети.

    „Денес, стоиме тука со помешани чувства, од една страна тажни што нашите бранители повеќе физички не се меѓу нас, но од друга страна горди на нив што залудно не ги дадоа своите животи. Тие нивната жртва ја вградија во зачувување на границите на државата, за која докажаа дека неизмерно ја сакаат и се подготвени да го жртвуваат најсветлото од себе-животот, а нивната душа ја вградија во продолжениот заеднички живот на сите граѓани, без разлика на нивната вера и нација на овие простори на унитарна Македонија“, изјави Марјан Најдов од Одборот на бранители.

    Пред импровизираната спомен плоча на која се испишани имињата на загинатите бранители: Игор Костески, Миле Јаневски, Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Марјан Божиновски, Кире Костадиновски и Бошко Стојановски, делегации на бранителите, на Армијата, специјалните единици, политички партии и здруженија, положија букети свежо цвеќе.

    Од овој собир уште еднаш беше пратена порака до власта на ова место да изгради достоинствено спомен обележје каде би се чествувал споменот на овие храбри бранители.

    Во изминативе неколку години при одбележувањето на овој настан беше поставувана мермерна плоча со имињата на загинатите бранители, но таа редовно беше кршена од, како што официјално се соопштуваше, засега сè уште непознати сторители.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира