Премиерот Христијан Мицкоски и партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ денеска учествуваат на конгресот на сестринските партии од Европската народна партија во Валенсија, Шпанија, објави премиерот на социјалните мрежи.
Мицкоски првин беше на панел за демографската криза во Европа, а потоа имаше и обраќање пред делегатите при што кажа дека местото на Македонија е во Европската Унија. Тој апелираше до земјите-членки на ЕУ да го вреднуваат напредокот на земјава врз основа на исполнетите обврски и реформи, а не преку призмата на билатералните спорови. Мицкоски побара и да се исправи долгогодишната неправда што ѝ се нанесува на Македонија.

Мицкоски и министерот за транспорт и врски Александар Николоски на панел за демографската криза во Европа. (Фото: Фејсбук)
На маргините на конгресот, Мицкоски имаше средби со поранешниот албански претседател и премиер, Сали Бериша, и со претседателот на Српската напредна странка (СНС), Милош Вучевиќ.

Во Валенсија е и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, која учествуваше на состанокот на Етичкиот Комитет на Европската народна партија (ЕПП). (Фото: Фејсбук)
Како што објави Мицкоски, на средбата со Бериша биле разменети мислења за актуелните политички процеси во регионот, унапредување на соработката меѓу соседните народи, како и за предизвиците со кои се соочуваат демократските сили на Балканот и потребата од зацврстување на европските вредности и стабилноста.
Со Вучевиќ, пак, Мицкоски разговарал за регионалната соработка, европската перспектива на Македонија и Србија и заедничките предизвици со кои се соочуваат двете држави.
Шпанија, каде што се одржува конгресот, полека се враќа во нормала откако вчера снема струја на целиот Пиринејски полуостров.