Владимир Путин сака мир во Украина и интензивно работи на тоа со САД, но конфликтот е толку комплициран што не може да се постигне брз напредок како што сака Вашингтон, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
„Претседателот останува отворен за политички и дипломатски методи за решавање на конфликтот“, рече Песков.
Тој додаде дека целите на Русија мора да се остварат и Москва преферира да се постигнат на мирен начин.
„Путин изрази подготвеност за директни разговори со Украина, но оттаму досега не сме слушнале никаква изјава во тој контекст. Така што, не знаеме дали Украина е спремна или не“, кажа Песков.
Трамп и државниот секретар Марко Рубио неодамна се заканија дека САД ќе се повлечат од мировните разговори ако наскоро нема јасен напредок, додавајќи дека следниот период ќе биде клучен.
„Разбираме дека Вашингтон сака да постигне брз успех во овој процес. Но, корените на конфликтот се премногу сложени за да може да се реши за еден ден“, кажа Песков.
Покрај забраната за членство на Украина во НАТО, Русија бара да се признае нејзиниот суверенитет врз Крим и регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.