ВО ОХРИД ТРЕБА ДА СЕ ЗАШТИТАТ И ОБЈЕКТИТЕ ОД МОДЕРНАТА, КАЖАА АРХИТЕКТИТЕ НА НАСТАН ИНСПИРИРАН ОД ТВОРЕШТВОТО НА БОРИС ЧИПАН

    ВО ОХРИД ТРЕБА ДА СЕ ЗАШТИТАТ И ОБЈЕКТИТЕ ОД МОДЕРНАТА, КАЖАА АРХИТЕКТИТЕ НА НАСТАН ИНСПИРИРАН ОД ТВОРЕШТВОТО НА БОРИС ЧИПАНОхрид е специфичен пример затоа што има наследство од многу различни периоди и секој од нив е еднакво важен (Фото: СДК.МК)

    По повод 70 години од изградбата на објектот на Феријалното одморалиште и објавувањето на книгата „Стара градска архитектура во Охрид” од Борис Чипан, во Охрид се одржа настан насловен „Начинот на Чипан“. Целта беше афирмацијата на современото архитектонско творештво преку ретроспективно согледување на значењето на проектантското и публицистичко творештво на Чипан како архитект и конзерватор, велат од тимот на АРХРИД, организатор на настанот.

    Експертите зборуваа за компарацијата помеѓу препознавањето, вреднувањето и третирањето на архитектонското наследство во минатото и денес, потенцијалот кој го носи модернистичкото наследство во Охрид и потребата од негово препознавање и заштита, како и за континуитетот во институционалната заштита на архитектонското наследство.

    „Книжевното дело на Чипан, ‘Старата градска архитектура во Охрид‘, е неодминливо четиво на секој студент по архитектура. Покрај анализите на македонската куќа и начинот на организација, Чипан во него го анализира и социо-економскиот аспект на тогашната урбанистичко-архитектонска поставеност и критички се осврнува на постојаното прашање на балансот помеѓу развојот и заштитата на традицијата и на вклопување на современите објекти во наследеното урбано милје и природните убавини на охридското крајбрежје. Истите дилеми се провлекуваат и во денешните конзерваторски практики, кои неизбежно се врзани и за урбаниот развој на градот, особено за Охрид како примамлива дестинација на разни инвеститори”, кажа м-р Горан Патчев, виш конзерватор и актуелен директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Охрид.

    Тој потенцира дека НУ Завод и Музеј Охрид ги следи светските трендови во управувањето со културното наследство, па во последните години, и покрај приоритетите за заштита на многубројното средновековно наследство и староградската архитектура, се залага за заштита и на објекти од модерната. Таков беше примерот со хотелот „Палас“ од Едо Михевц, а сега е во тек процес на валоризација на Историскиот архив од Ѓорѓи Константиновски и Домот на пензионери од Живко Попоски, кои како објекти поседуваат архитектонско-уметнички својства со кои заслужуваат да се стават под заштита. Претходно се заштитија голем број објекти градени меѓу двете светски војни, карактеристични по својот еклектички стил, во духот на неокласичните европски влијанија.

    Д-р Ана Ивановска-Дескова, професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ, смета дека модернистичкото наследство не е доволно вреднувано и препознаено, а со тоа е доведено до една незавидна состојба да стане напуштено и запуштено.

    „Потоа се прашуваме дали е возможно да се врати тоа назад, да се стави на каков било начин во функција“, вели таа.

    Според неа, бројни европски и светски примери покажуваат дека е тоа можно.

    Ревитализацијата на објектите не е едноставна и чини многу пари, но е поисплатлива отколку да се руши и да се гради нов објект, кажаа архитектите. Според нив, немањето чувство за архитектонското наследство како вредност и агресивното настапување со просторот негативно ќе се одразат на долг рок. Потенцираа дека Охрид е специфичен пример затоа што има наследство од многу различни периоди и секој од нив е еднакво важен.

    „Кај нас прво е предизвик објектите да ги ставиме под заштита. Тоа оди прилично бавно. Во светски рамки веќе се вреднува периодот од 1960-тите и 1970-тите, хронолошкиот праг е длабоко поместен. Ние прилично доцниме со вреднувањето и заштитата на модернистичките згради“, кажа Ивановска-Дескова.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира