Бразилската полиција објави дека спречила бомбашки напад што требало да се изведе на вчерашниот концерт на Лејди Гага на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро. Концертот го плати градот и привлече над два милиона луѓе.
Цивилната полиција на државата Рио де Жанеиро, работејќи во координација со министерството за правда, соопшти дека заговорот бил организиран од група која промовира говор на омраза и радикализација на тинејџери. Одговорниот за планот и еден тинејџер се уапсени, соопшти полицијата на Икс.
„Осомничените регрутирале учесници, вклучително и малолетници, за да извршат координирани напади со импровизирани експлозивни направи и молотови коктели“, кажа полицијата.
Министерството за правда додаде дека регрутерите се претставувале како членови на глобалната база фанови на Гага, познати како „мали чудовишта“.
Полицијата ја спровела акцијата по дојава од полициските разузнавачи на државата Рио, која открила дигитални ќелии кои поттикнуваат насилничко однесување меѓу тинејџерите, користејќи кодиран јазик и екстремистичка симболика. Властите притоа извеле претреси на десетина локации во неколку места.