Над 65 издавачи, од кои најголем дел се од Македонија, и 110 промоции ќе има на 37. издание на Саемот на книга, кој ќе се одржува од 8 до 14 мај во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Годинава слоганот е „Храна за душа“, најавија на денешната прес-конференција организаторите, извршната директорка на Скопски саем, Даниела Глигоровска и проект-менаџерката на Саемот Сања Кондарко.
Саемот ќе се отвори на 8 мај во 12 часот, ќе работи секој ден до 14 мај од 10 до 20 часот, освен на последниот ден, 14 мај, кога ќе биде отворен од 10 до 18 часот.
„Како што на телото му е потребна здрава храна, така и на умот му е потребна здрава мисла за правилно да функционира. А книгите ја имаат уникатната моќ да ни ја нахранат душата. Оттаму и доаѓа инспирацијата за овогодинешниот слоган ‘Храна за душа’, кој уште еднаш потенцира дека Саемот е место на инспирација, на нови идеи и место каде што секој може да го засити апетитот за нови знаења, возбудливи светови и добри книги. Посетителите на Саемот ќе добијат можност да се запознаат со македонски и странски автори, да ја разгледаат богатата понуда на книги, енциклопедии, збирки и прирачници, како и да слушнат нешто повеќе за актуелната состојба на пишаниот збор преку панел-дискусиите со значајни имиња од оваа област“, рече Глигоровска.
Национално претставување ќе има на Србија преку Министерството за култура на Србија, а ќе учествува и Амбасадата на Германија.
Организаторите рекоа дека разговарале со ЈСП „Скопје“, и очекуваат како и изминативе години да ги воведе специјалните автобуски линии со број 100 и 200 кои ќе возат од Ѓорче Петров и од Лисиче до салата.
Цените на влезниците се исти како и минатата година: редовна влезница – 100 денари, влезница за организирани посети на ученици – 50 денари/по ученик, влезница за три посети на саемот – 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години кои се во присуство на родител.
Со секоја купена влезница Саемот на книга ќе донира 15 денари на СОС детското село.
Б. НЕСТОРОСКА