Професори од Градежен факултет предводени од деканот Горан Марковски, како и нивни колеги од други факултети, ќе бараат решение како да се доградат зградите на Факултетот за физичка култута и на ФИНКИ во Скопје. Изградбата на овие два објекта во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) почна во 2015 , а беше сопрена во 2019 кога изведувачот „Бетон Штип“ отиде во стечај. Оттогаш зградите не се чепнати, а и она што е изградено е уништено. При посилен ветер летаат парчиња лим и други материјали од зградите.
За да се продолжи за градба на двете згради денеска беше потпишан меморандум за соработка помеѓу министерката за образование Весна Јаневска, ректорот на УКИМ, Билјана Ангелова, деканот на Градежниот факултет, професор Горан Марковски и директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски. Формирана е работна група во која секоја инстиуција се обврзува да спроведе индивидуални и заеднички активности со кои ќе се обезбеди чиста ситуација за продолжување на изградбата на овие два објекта.
„Планираме завршување на двата објекта на кои повеќе од шест години нема никаква теренска активност. Во овој период истечена е важноста на дозволата за градба, изменети се дел од законските решенија, а отпочнатите објекти кои се на ниво на карабина се во лоша состојба. Заедно ќе извршиме увид на физичката состојба на објектите, ќе направиме преглед на расположливата инвестициско-техничка документација и дефинирање на начинот на кој би се продолжила изградбата, за да користат на крајните корисници“, рече министерката Јаневска на денешната прес-конференција по потпишување на меморандумот.
Постојните проекти се стари повеќе од десет години. Деканот Марковски рече дека најпрво ќе се прави увид на моменталната состојба на зградите, па потоа ќе се донесе решени како ќе се продолжи со градбата.
„Да ја увидиме нивната моментална состојба и да најдеме најсоодветен начин за нивно одржливо завршување. Покрај експерти од Градежниот факултет, во оваа работна група ќе бидат вклучени и наши колеги од другите факултети при УКИМ, како Архитектонскиот, Институтот за земјотресно инженерство, инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Електрофакултетот, Машинскиот и други, за да се вклучи сето знаење и капацитети што ги имаме за да добиеме оптимални објекти коишто ќе служат на Универзитетот“, рече Марковски.
Според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015, ФИНКИ требаше да чини 784 милиони денари, но само 40 отсто се реализирани или исплатени, односно 110 милиони денари. Факултетот за Физичко образование, спорт и здравје требаше да чини 432 милиони денари, а реализацијата на проектот е 16,9 отсо или исплатени се 73 милиони денари.
Според проектите, двете згради треба да бидат во барок стил. Директорот на СОЗР Томовски во декември лани за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека зградите нема да се прават во барок, туку ќе се бара друго модерно решение за фасадите.
А. АНТЕВСКА